Која е Ана Стојаноска?
Писателка/поетеса, мајка, ќерка, сестра, другарка, професорка, театролог, директорка на фестивал, некој што сака да сонува, да пее, да слуша музика, да оди на концерти, да гледа театар, многу театар, да открива нови места, да живее покрај море, да вози точак до изнемоштеност, да вежба, да сака, да … многу се тие во мене и секоја од нив е своја на свој начин.
Како е да се живее меѓу пишаниот збор и ониe што го оживуваат на сцена од една страна, а да се твори и да се биде посветен на науката од друга страна?
Кога ќе се родиш со љубов кон книги и театар, со порив да пишуваш, ќе се научиш да живееш така. Од секогаш мое е и пишувањето поезија, и проза и драма, пишувањето теориски текстови, пишување, многу пишување, но и многу размислување, учење, анализирање и интерпретирање и книги и театар. Не е лесно тоа, но е убаво. Не дека сега треба да се пофалам, ниту да се рекламирам (тоа најмалку сакам), туку само некако да образложам дека кога се занимаваш со тоа што го сакаш сè е многу едноставно, колку и да е комплицирано. Некогаш само треба добро да се организирам, а некогаш само да научам дека е во ред да се пишува сè тоа што ми е важно. И она што е најинтересно е дека секое пишување си има своја музика, некогаш тоа е музиката што ја слушам дури пишувам, а некогаш музиката што ја споменувам во пишувањето. Театарот и книжевноста се поврзани на елементарно ниво, театрологијата и науката за книжевност, исто така, така што може да се рече дека живеењето меѓу пишаниот збор и оние што го оживуваат на сцена, меѓу творењето и науката е едно преубаво искуство, зашто колку и да е мачно, креирањето е еден од убавите делови на она што го нарекуваме секојдневие.
МТФ Војдан Чернодрински доби друг дух и печат од кога го водите Вие. Каков предизвик е да се води овој фестивал?
Огромен, но прекрасен. Фестивалот го следам од дете, пораснав со него. Имав среќа и привилегија додека учев театрологија на ФДУ, професорот Кирил Ристоски да ме воведе во тајните на водењето на фестивалот, тоа беа годините кога тој беше директор и заедно со професорката Лужина, правеа сериозно добар фестивал. Тогаш го следев фестивалот однатре, правев изложби, организирав разговори, трибини, бев дел од научни конференции. Бидејќи во текот на годините се едуцирав и за театарските фестивали, сакав да имам можност тоа знаење да го применам и во Прилеп. Кога ја добив поканата да го водам фестивалот пред три години, знаев дека ќе биде предизвик, но ќе биде добро. Убаво е секогаш фестивал (или која и да е институција) да е менаџиран и креиран од различни луѓе во одредени периоди, затоа што така се создава подобар фестивал. Сакав своето знаење и љубов за фестивалот да го покажам и да направам своја креација, да оставам можност за следниот наследник да развие поинаков фестивал и така натаму. Затоа што и фестивалот и Прилеп заслужуваат посветен директор и некој што го сака и театарот и фестивалот. Имам среќа што имам одличен тим со кој успевам да ги реализирам своите замисли, идеи, концепти за фестивалот и благодарение на кој, Прилеп и живее и ужива тие денови за театар.
МТФ Војдан Чернодрински го распиша вториот конкурс за нови македонски драми. Какво е вашето мислење за првиот, какви драми донесе, колку од нив ќе се најдат на репертоарите на нашите театри и кои се вашите очекувањa од новиот конкурс?
„Драмолетање“ не е само конкурс за нови македонски драми. „Драмолетање“ е комплексна програма за премостување на јазот меѓу драмскиот автор и театарската продукција (режисер, продуцент, директор на театар). Верувам дека кога млади луѓе ќе направат нешто во што веруваат тоа значи дека ќе добиеме добар производ. Програмата ја смисли продукцискиот координатор на фестивалот Петар Антевски и ја реализираше до издание во кое се четирите избрани драми од првиот пичинг – форум „Драмолетање“, кои се достапни на нашата веб страница www.mtf.com.mk. Така секој заинтересиран читател, секој режисер, директор на театар, актер, продуцент, може да ги прочита и да ги постави во својот театар. Не знам колку од нив ќе се најдат на репертоарите на нашите театри, ја немам моќта да го наложам тоа кај оние што одлучуваат. Мое е да овозможам да се постави мостот, сега останува на театрите да реагираат. Во однос на моите очекувања, секогаш сакам да верувам дека на сите што се занимаваат со театар важен им е театарот и дека ќе направат сè да ја подобрат состојбата во театрите и општо во македонскиот театар.
Што треба да очекуваме од идниот МТФ Војдан Чернодрински, дали ќе има нешто ново, различно?
Во 2026 година го славиме големиот јубилеј на фестивалот, 60 години! Тоа е огромен јубилеј на најзначајниот и најстариот театарски фестивал кај нас. Затоа работиме посветено да го направиме уште подобар од претходните. Публиката нè научи дека создаваме секоја година различна програма на фестивалот која истовремено ги одржува дел од традиционалните формати, а дел нови, откривајќи го Прилеп како своевидна театарска сцена. За оваа година сакам публиката да го открие и минатото на фестивалот во еден спој на дигиталното и аналогното, но и да ги види насоките кои фестивалот ги дава за театарот на иднината. Сакам да се остварат сите мои замисли и да видиме многу претстави, многу настани, многу театарски уметници во Прилеп.
Што да очекуваме во иднина од Ана Стојаноска?
Нова книга, се надевам, тоа можам да го кажам. Од себеси очекувам да сум подобра во тоа што го работам. Животот ме научи да не очекувам, да ги откривам сите можни убавини околу нас, затоа и не знам што да кажам што да очекувате од мене во иднина. Подобрување на студиските програми (новите генерации студенти инспираат нови начини на изучување на театарот), создавање книги и нивно објавување и преведување, посветување време на себе и семејството, истовремено многу учење, осознавање театар, гледање со срцето на светот наоколу.


















