Прилепското музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка “ е расадник на талентирани музичари. Низ ова училиште пораснале многу познати музички имиња како инструменталисти така и вокалисти.

Дваесетина наставници водени од директорката Мартина Пашоска Стојанов своите знаења и вештини им ги пренесуваат на младите прилепчани кои сакаат да растат со музиката. Моментно во ова музичко училиште има тригодишно, шестгодишно и деветгодишно образование кое го следат 360 ученици. Учениците следат настава по десетина различни инструменти меѓу кои пијано, виолина, кларинет, флејта, хармоника, труба, саксофон, народни инструменти и гитара, а воедно учат и соло пеење. Години наназад ова училиште со своите ученици освојува награди на домашни и меѓународни натпревари. Прилепската публика редовно ужива во концертите кои ги организира ова училиште и преку кои може да го следи развојот и напредокот на талентираните музичари. За брзо – на почетокот на месец декември, ќе има концерти од сите класи од ова училиште, а на крајот на декември ќе се одржи и традиционален новогодишен концерт.
Историјата на ова училиште е од 1949 година, кога под раководство на директорот Данчо Шиндилоски, заедно со група наставници идејата за музичко училиште прераснала во реалност. Во тоа време директорот Шиндилоски предавал виолина и солфеж, Борка Фицироски – виолина и контрабас, Томе Ѓорѓиоски – виола и чело, Благоја Стојкоски – дувачки инструменти, Сергеј Михајлов – клавир и виолина. Што се однесува до опремувањето на музичкото училиште, првиот клавир го добило од прилепската гимназија, а исто така помогнало и семејството Арсоски. Секој наставник на почетокот се потрудил да обезбеди по еден или повеќе инструменти и тоа: виолини, хорна, виола, дувачки инструменти и други. За тоа колку имало интерес за ова училиште во Прилеп зборува податокот дека на првиот конкурс се пријавиле 826 кандидати, но според можностите на училиштето (простории и наставен кадар), биле примени 165 ученици.
Прилеп и прилепчани ја поддржуваат и ценат работата на музичкото училиште „Ордан Михајлоски – Оцка “ и очекуваат и посакуваат на македонската и светската музичка сцена да се појави музичка ѕвезда која го посетувала ова училиште.















