Неодамна се случи уште едно значајно меѓународно поврзување на Институтот за старословенска култура – Прилеп, кое ќе придонесе за промоција на македонското културно наследство и унапредување на научната соработка со водечки европски институции. Всушност на 31 октомври 2025 година во просториите на Фондацијата „Аквилеја“ во Аквилеја, Република Италија, се одржа значаен работен состанок со претставниците на две реномирани институции од областа на културното наследство од Р. Италија. На средбата присуствуваа директорот на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, д-р Александар Василески, директорот на Фондацијата „Аквилеја“, д-р Кристијано Тиуси, додека на состанокот преку онлајн врска се вклучи и директорот на Базиликата во Аквилеја, Андреа Белавите.
Средбата произлезе од воспоставениот контакт во рамките на Културната рута на Советот на Европа „Рутата на св. Кирил и Методиј“, чија членка е Институтот за старословенска култура – Прилеп, заедно со Фондацијата „Аквилеја“. Активностите во рамкитена оваа Културна рута се реализираат со поддршка на Министерството за клутура. Преку оваа иницијатива, не само што се промовира значењето на словенските просветители, светите Кирил и Методиј, туку и се овозможува поширока соработка помеѓу институциите од областа на културното наследство ширум Европа.
„Фокусот на разговорите беше ставен на воспоставување на соработка во областа на археологијата, историјата на уметноста и заштитата на културното наследство. Притоа, беа разгледани можностите за размена на научни и стручни искуства; учество на истражувачи, стручни лица и студенти во заеднички активности; организација на научни конференции, работилници и изложби; како и заедничко учество во меѓународни проекти поддржани од европски програми. Разговорите резултираа со взаемна согласност дека постои голем потенцијал за долгорочна и плодна соработка која ќе придонесе за афирмација на културното наследство од римскиот, рановизантискиот и средновековниот период со посебен акцент на културните и ликовните традиции“- рече директорот на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, д-р Александар Василески.
Како што се најавува оваа институционална соработка ќе се официјализира со потпишување на Меморандум за соработка кон крајот на 2025 или почетокот на 2026 година.
















