На 14 ноември 2025 година /петок/ во 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена ретроспективна изложба на слики “ 55 години ликовно творештво на Боро Арсовски – Бабата“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Боро Арсовски – Бабата е роден 1952 година во с. Страцин, Република Македонија. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излага во 1971 година, учествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност, а има учествувано на преку 200 групни изложби и 5 самостојни изложби. Неговите слики се наоѓаат во многу галерии, музеи и приватни колекции ширум светот. За творештвото на Арсовски се снимени 2 документарни филма, едниот во продукција на Македонска радио телевизија, а вториот филм е снимен за меѓународниот филмски фестивал “Златни сунцокрет” во Р. Србија кој е награден со златна плакета. Боро Арсовски – Бабата живее и работи во Куманово, како самостоен сликар – наивец и сопственик е на уметничка галерија “Art Gallery Arsovski”.

За изложбата и творештвото на уметникот, историчарот на уметноста Роберт Цветковски меѓу другото ќе каже:
„Одбележувањето на овој значаен јубилеј на Арсовски е настан којшто е значаен за македонската ликовна сцена од повеќе аспекти – авторски, историски, национални и идентитетски. Неговата инвентивност, повеќегодишниот авторски континуитет во земјата и пошироко (Србија, Хрватска и Словенија) како и специфичниот заокружен и јасно дефиниран сликарски израз којшто изобилува со богат визуелен вокабулар, го става во редот на најзначајните претставници на македонската наива.
Неговите слики говорат за едно време коешто не постои денес, поточно, зборуваат за периодот кога луѓето беа многу поблиску до природата и нејзината убавина. Единствената слика којашто се занимава со современи теми е сликата „Бегство“ изработена во 2025 година и претставува извонредно авторско остварување во коешто се сублимирани сите творечки квалитети на овој автор. Токму оваа слика говори за постоечките капацитети на Арсовски којшто е во повозрасни години, но сè уште може да направи ликовна проекција во негов стил, од која суптилно зрачи пораката: време е за бегство од бетонската џунгла!
Како автор на многу слики коишто се дел од музејски и колекционерски збирки, но и на многу акварели и скулптури изработени на иста тематика – македонски автентичен амбиент со елементи на етнологија од овие простори препознаена во светот како македонски етнографски идентитет – за уметникот Боро Арсовски – Бабата можеме да кажеме дека, покрај тоа што е извонреден ликовен автор, можеме да го сметаме и за хроничар на едно изминато време коешто подразбираше симбиоза на човекот и природата.“

















