ШЕСТО ИЗДАНИЕ НА „ЉУБЕЊЕ СО СТИХОВИ“

Сподели на социјалните мрежи

Утре, 13 ноември, од 19.30 часот во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се одржи шестото издание на поетско-рецитаторскиот перформанс „Љубење со стихови“ на поетот Филип Димкоски и поетесата Лина Димоска.

Како и во претходните изданија, поетите ќе рецитираат дел од песните кои го претставуваат нивното творештво, но и нивни омилени песни од домашни и странски автори. Овојпат покрај на македонски, ќе бидат интерпретирани и на српски, хрватски и руски јазик, а ќе бидат рецитирани и препеви на Димкоски од руски и од српски на македонски јазик.

Филип Димкоски на оваа поетска вечер првпат ќе изрецитира поезија на српски и на руски јазик. – Согледав дека низ годините сум препеал повеќе од 300 песни од околу 100 поети од регионов. Тоа ме поттикна. На ова наше дружење да прочитам барем неколку. Исто така првпат ќе прочитам и песна изворно напишана од мене на српски јазик-рече Димкоски.

Проткаени со музичка придружба, на оваа поетска вечер ќе прозвучат стиховите на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Светлана Христова Јоциќ, Оливера Андоноска, Далибор Ивановиќ, Март Јовановски, Билјана Велковска но и Мика Антиќ, Алексеј Решетов, Снежана Алексиќ Станојловиќ, Никола Раусављевиќ…

Лина Димоска ги најави и новостите во однос на ова издание. – Досега сме рецитирале исклучиво наша поезија и поезија од македонски автори. Имавме и тематски вечери, а на една од нив рецитиравме поезија само од автори од Прилеп. Сепак се трудиме секое издание да биде различно, па така овојпат новост се стиховите од странски автори и на други јазици. Со професионалната музичка придружба на Методија Костоски, ви ветуваме впечатливо стиховно-музичко патување- рече Димоска.

Специјални гости ќе бидат актерот Милан Секулоски и музичарот Методија Костоски. Настанот е во органзиација на Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп, а поддржан од Општина Прилеп и НУЦК „Марко Цепенков“. Се работи за настан од отворен тип, а влезот е бесплатен. – Според Емерсон, сите луѓе се поети во срцето. А ние ќе се потрудиме во сечие срце да ја разбудиме поезијата-велат организаторите.


Сподели на социјалните мрежи