ПОЕТСКО-РЕЦИТАТОРСКИОТ ПЕРФОРМАНС „ЉУБЕЊЕ СО СТИХОВИ“

Сподели на социјалните мрежи

Шестото издание на поетско-рецитаторскиот перформанс „Љубење со стихови“ на поетот Филип Димкоски и поетесата Лина Димоска ќе се памети по многу убав избор на поезија, убаво рецитирање и многу емоции во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Оваа вечер за паметење потврди дека прилепската публика го сака убавиот збор и знае да ужива во него. Полниот салон, големата тишина, многуте емоции од рецитаторите поддржани со убава музичка подлога од Методија Костоски беа прекрасна слика. Поетите внимателно избрале песни кои ја допреа публиката од една страна, а од друга страна покажаа широк спектар на автори. За пофалба е нивниот однос кон сопствената поезија, промоцијата на други прилепски поети, македонски поети, па претставувањето на веќе познати песни од автори од регионот, но секако и автори кои доаѓаат и од другите држави од соседството.
Публиката салонот го напушти задоволна од прекрасната вечер со убава поезија, одлична музика, зачинета со дружење и вино после поетско-рецитаторскиот перформанс, но секако и побогата со информации за автори од нивниот град чии песни биле објавувани во збирки во соседните држави, за автор чие дело било препеано на руски јазик и отпечатено таму. Едноставно впечатокот од дружењето со убавата поезија го дополни и сознанието дека убавиот е универзален и убаво звучи на сите јазици.
На почетокот на шестото издание на поетско-рецитаторскиот перформанс „Љубење со стихови“поетот Филип Димкоски потсети како почнала оваа идеја од рецитации во мали локали, па во поголеми, за сега овој настан да го органзира Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп, да се реализира во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и тоа со поддршка од истиот и поддршка од Општина Прилеп. Публиката посакува што побрзо да биде седмото издание на „Љубење со стихови“.


Сподели на социјалните мрежи