НУ ЗАВОД ЗА ЗАШТИТА НА СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТА И МУЗЕЈ – ПРИЛЕП УЧЕСТВУВА НА МЕЃУНАРОДЕН СИМПОЗИУМ ПО АРХЕОЛОГИЈА

Сподели на социјалните мрежи

Од 6 до 9 ноември, во хотел „Сириус“ во Струмица, се одржа Осмиот меѓународен симпозиум по археологија на тема „Теракота и грнчарија – Од Енкиду до зграфито“, во организација на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица, со поддршка од Министерството за култура.
На овој симпозиум присуствуваа бројни домашни и странски археолози, универзитетски професори, истражувачи и претставници на културни институции. Двајца претставници од Народниот музеј од Прилеп Душко Темелкоски и Паре Зареска учествуваа на овој симпозиум.
Душко Темелкоски, кустос советник, во рамки на првата симпозиумска сесија ја презентираше темата со наслов „Доцнохеленистички калапени чаши со релјефни претстави од Стибера“ и пред присутните истакна: „Во текот на повеќе децениски археолошки истражувања на локалитетот Стибера, кај Чепигово, пронајдени се голем број калапени чаши со релјефни претстави кои се користеле за пиење на вино, а нивните декорации секогаш предизвикуваат голем интерес како од стручно-научната сфера така и од пасионираните љубители на периодот пред доаѓањето на римјаните на овие простори“.
На крајот на својата презентација „Глазирана керамика од комплексот цркви од Водоча“, Заревска, нагласи дека востановената соработка меѓу двете институции е единствениот начин на кој може да се „произведат“ нови квалитетни резултати, а присутните колеги археолози од поширокиот регион да се запознаат со степенот на истраженост и стекнати сознанија за нашето културно богатство, кое има клучна улога во формирањето на идентитетската припадност.“

НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп и Завод и музеј Струмица ја продолжуваат соработката, која се интензивира со проекти и заеднички активности.


Сподели на социјалните мрежи