„ЖИВИ РАНИ, МЕЛЕМ ПЕСНИ“

Сподели на социјалните мрежи

„Живи рани, мелем песни“ е најновото дело на прилепската писателка Габриела Стојаноска, дело кое е шесто по ред во нејзиното творештво, но прва поетска книга.
Шеесетина песни, пишувани во период од триесет години, се содржани во збиркава поезија за која авторката вели: „Со неа отворам пред читателите најинтимен лирски дневник, не хронолошки, туку со одбрани значајни моменти од развивањето на моето себедоживување и доживување на светот. Освен десетина песни напишани ова лето, повеќето се песни коишто јас си ги нарекувам стари и за кои мислев дека ќе ги поддотерам за оваа книга, но она Лирско Јас кое пишувало пред дваесет и пет или пред пет години не ми даваше да му сменам ни збор, а камоли да му додадам метафора, па ги објавувам како скаменети емо-слики, сведоштва на моменти од растењето на една личност, која денес и е истатата и воопшто не е истата. Преку челниот мотив на траумите и загубите и силните чувства кои се канализираат во збор, комуницирам со читателите нудејќи ги песните како мелем за нивните невидливи рани и за оплакнување на душата при интензивните доживувања кои ќе ги имаат препознавајќи дел од себе меѓу кориците на оваа книга. Заедно ќе бидеме пожилави и поистрајно ќе одиме напред.
„Во збирката |„Живи рани, мелем песни“, се отвораат четири поетски циклуси. Секој циклус носи своја енергија, тон и длабочина, но сите заедно се надоврзуваат во еден заокружен женски универзум во кој љубовта, болката, телото, сеќавањето и зборот се неразделни. Во целина, Живи рани, мелем песни е книга што го потврдува поетскиот глас на Габриела Стојаноска како автентичен, зрел и длабоко човечки. Нејзината поезија не се труди да блеска, туку да лекува. Затоа и зборот „мелем“ во насловот не е случаен – тој не значи утеха, туку прифаќање. Стојаноска пишува од раната, и во долгата спиритуална и поетска традиција која има корени сѐ до големиот Мевлана Руми – верува дека токму раната е отворот од каде што светлината влегува во телото, од каде што започнува исцелувањето. “ – запишува на корицата на книгата Љупчо Михајлоски.
Во периодот што следи планирано е да се организираат промоции на збирката „Живи рани, мелем песни“ во Прилеп и Скопје, а прилепската читачка публика ова дело може да го најде во книжарницата „Викели“.
Габриела Стојаноска, претходно објави три збирки раскази „„ГОЛА“ (2007), „ПРИКАЗНИ ЗА КРАТКОСТА – раска(з)(ж)и за своја душа“ (2019) „СЕГА БИ ПИШУВАЛА ЗА…“ (2022), драмите „Трудници/Тајни“, како и научната студија „КУСИОТ РАСКАЗ И СОНОТ“ (2018). Таа е членка на Друштвото на писателите на Македонија и наставничка по македонски јазик во ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп. Десетина години беше уредничка на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, добитник е на многубројни награди на литературни конкурси, а нејзини творби се објавувани во антологии и во голем број печатени и електронски списанија.
Габриела Стојаноска е писателка од која очекуваме уште многу песни, раскази, книги.


Сподели на социјалните мрежи