Изложбата „Артеизам“ ќе биде отворена на 19.11.20205 (среда) во 19 часот, во фоајето на влезот во Центарот за култура „Марко Цепенков“- Прилеп, а на истата со свои дела ќе се претстават ликовните уметници: Васко Ѓоргиев, Дејан Макаријоски и Владимир Симоновски.
Изложбата всушност е авантура на тројца индивидуалци собрани во едномислието за нераскинливата врска меѓу верата и уметничкото творештво. Создавањето дело тие го гледаат освен како сопствено искуство и како еден трансцедентлен процес чии корени, во овој случај, се втемелени во Божјото откровение на православната христијанска вера. Делата од оваа изложба ја потенцираат непредвидливоста на есхатолошкиот момент чие остварување е неминливо.
Тројца уметници кои се автори на оваа изложба живеат во Битола.
Владимир Симоновски завршил Ликовна академија отсек вајарство. Претседател бил на Друштво на ликовни уметници Битола од 2010 до 2014. Има повеќе изложби во земјава и во странство, добитник на повеќе награди и признанија, а изработувал и сценографии по низа театарски центри.
Дејан Макаријоски е основач на студио-галеријата “Ателје Макаријоски” во Битола, каде активно работи веќе 27 години. Член на ДЛУБ, реализира самостојни и активно учествува на групни изложби во земјава и странство, како и на ликовни колонии. Макаријоски работи во техниката масло, акрил, како и фреско сликарство и икони. Добитник на повеќе награди и признанија.
Васко Ѓоргиев е вајар, сликар, иконограф роден во Гевгелија, а сега живее во Битола. Завршил Академија Лигустика ди Беле Арти, Џенова, Италија. Ангажиран е како уметнички соработник при Бигорскиот манастирски комплекс „Св. Јован Крстител“ Ростуше – Маврово како и одговорен за уметничкиот дел при манифестацијата „Денови на Смилевскиот конгрес“ – с. Смилево во 2024 година. Во периодот 2023-2024 е претседател на Друштвото на ликовни уметници – Битола (ДЛУБ). Редовен учесник и реализатор на групни изложби во Италија, Македонија и Грција. Има релизирано разни циклуси на сакрално сликарство во Дебарско-кичевската и Преспанско-пелагониската епархија.














