ИЗЛОЖБА „А” ОД ОЛГИЦА АНТОВСКА

Сподели на социјалните мрежи

На 21.11.20205 (петок) во 19 часот, во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“- Прилеп ќе биде отворена изложбата „А“ од авторот Олгица Антовска.
„Изложбата опфаќа дванаесет дела изработени во комбинирана техника, со специфични димензии и форми. Основната идеја врз која се темели концептот на водата е нејзината поврзаност со човекот – неговата свест за еколошките проблеми, односот кон околината, полезните и деструктивните сили на водената стихија преточени во една лирска визуелна сензација. Проектот е структуриран во четири поврзани циклуси, кои претставуваат своевидно движење патување на водата, интегрирана како жив субјект. Тенденцијата на оваа вибрирачка приказна за водата, во сите нејзини облици, е да воспостави активна комуникација со гледачот и да поттикне можни дијалози“ – вели авторот Олгица Антовска.
Станува збор за сликарка која е член на ДЛУМ од 2001 година, а своето уметничко образование го оформила на средното училиште за применета уметност, „Лазар Личеноски” Скопје и Факултетот за ликовни уметности, на Катедрата за педагогија на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј Скопје. Олица Антовска од 1997 година предава уметност и во СУГС Гимназија „Панче Арсовски”, колеџот „Јахја Кемал“, училиштето за ученици со посебни образовни потреби „Партенија Зографски” Скопје.
За поставката и творештвото на Олица Антовска, м – р Тони Чатлески – сликар пишува:
„Со циклусот, авторката нè внесува во едно лирско патување каде водата не е само мотив, туку живо суштество, органска меморија, емоционален простор. Преку специфичните овални и кружни формати, ни се отвара еден нов начин на гледање — како да погледнуваме низ стаклена капка, низ интимен микрокосмос каде светлината и бојата постојано пулсираат, дишат и се движат. Секоја слика претставува различна состојба на водата: тишината на замрзнатите кристали, вибрациите на невидливите струи, моќта на брановите, како и нежноста на една единствена капка живот“.


Сподели на социјалните мрежи