На Економски Факултет – Прилеп, реализирана е отворена пракса со мултикреативен пристап во рамки на Алијансата КОЛОРС. Настанот обедини професори и педесетина студенти од УКЛО и од Универзитетот во Венспилс, Латвија, кои заеднички работеа на теми поврзани со развојот на туризмот во Прилеп, Битола и Венспилс.
Главната цел беше студентите да ја применат теоријата во реални услови преку hands-on проекти – нова форма на практична настава која ги поврзува универзитетите со локалните заедници и институции. Тимовите презентираа хибридно – дел во живо во Центарот за иновации и претприемништво во Прилеп, а дел онлајн од Латвија.
Во настанот учествуваа и релевантни претставници од општините: Прилеп и Битола, кои најавија можност за примена на студентските решенија и ангажман на младите преку платена пракса во туристичките инфо-центри. Гоце Бумбароски, службеник за млади и раководител на Одделението за јавни дејности во Општина Прилеп, алумнист на УКЛО, посочи дека проектот создава директна врска меѓу универзитетот и локалната самоуправа, нагласувајќи дека следниот чекор е конкретизација на иновативните студентски предлози и нивно претворање во реални локални иницијативи. Симона Јовевска од Општина Битола, советник за социјални услуги за ранливи групи, исто така алумнистка на УКЛО, го нагласи значењето на пристапноста и инклузијата во туристичките решенија, потенцирајќи ја вредноста на меѓуопштинската соработка и учење меѓу градовите.
Професорката Рената Петревска Нечковска која го координираше проектот, академска раководителка на УКЛО КОЛОРС, истовремено во улога на професор и ментор на вклучените студенти од Економскиот факултет – Прилеп, истакнува дека со оваа соработка УКЛО станува активен дел од иновативниот европски образовен екосистем. Според неа, студентите добиваат простор да бидат креатори, да излезат од класичната настава и да создаваат решенија што имаат вистински ефект во заедницата. Тоа е суштината на КОЛОРС – знаењето да се претвори во акција.
Настанот е вовед во понатамошни активности, меѓу кои и ноемвриски хакатон во Битола, каде што ќе се развиваат нови идеи произлезени од оваа успешна мултикреативна практика.



#uklo #uklostudenti #укло #уклостуденти #COLOURSAlliance














