Тања Царовска и НУ Камерен оркестар Битола подготвуваат извонредно музичко патување околу светот – софистицирана фузија на традиционални песни од различни култури и континенти. Ова музичко патување публиката ќе може да го проследи на 28.11.2025 година во 20:00 часот, во Центар за култура Битола во рамките на 17′ Фестивал на музика од светот.
Со меѓународна кариера во светот на филмската музика што се протега речиси три децении, гласот на Царовска е препознатлив дел од бројни филмски, театарски и танцови продукции. Таа изведува музика на широк спектар на јазици и стилови — од арапски и грчки до ирански, индиски, бангладешки и ерменски — секогаш враќајќи се кон својата длабока поврзаност со македонската традиционална песна.
Во овој специјален музички проект, Царовска претставува избор на традиционални песни што ги открила низ своето долгогодишно уметничко патување. Колекцијата е исполнета со лични мелодии и спомени, оживеани преку нејзиниот препознатлив вокал и богатото звучно присуство на Камерниот оркестар Битола.














