Зоран Иваноски, актер ПРЕДИЗВИК Е ДА СОЗДАДЕШ ЛИК КОЈ ЌЕ СЕ ПАМЕТИ

Сподели на социјалните мрежи

Зоран Иваноски повеќе од дваесет години е дел од театарскиот живот во државава, тој е актер во НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и е еден од актерите со одиграни повеќе главни улоги во прилепскиот театар, актер кој играл претстави во поголем број од македонските театри, гостувал во хрватски театри, имал понуди за гостувања во Словенија, Естонија, едноставно актер кој ги оживуваа и живее ликовите и кој има одлична комуникација со публиката. Тој е во брак со Даниела, таа покрај сопруга му е и колешка и го имаат синот Лука. Низ неколку прашања ќе се обидеме да откриеме нешто повеќе за него.
Кога и како се роди љубовта кон театарот и глумата?
●Мојата вистинска љубов беше кон фотографијата и филмот. Никогаш не помислував дека ќе бидам театарски актер. Ако нешто сакав, тоа беше да се занимавам со филм. Но, бидејќи немав можност да студирам таму каде што сакав, единствената опција ми беше ФДУ. Во таа смисла, мене ми се нема случено љубов на прв поглед со театарот, туку процес на запознавање и откривање на тајните и световите на тетарскиот универзум, во кој си го најдов своето место.
Каков предизвик е да си актер?
●Да се изразиш искрено, без да се лажеш себеси…што е една од најтешките и најпредизвикувачките работи за мене.
Колку е тешко да се оживее лик на сцена? Кој и колку е важен во тој процес?
●Ништо не е тешко и ништо не е лесно! Ако веруваш во тоа што го работиш, ако имаш што да кажеш, ако си силно мотивиран и инспириран, тогаш не е тешко да создадеш полнокрвен лик. Но, ако немаш што да кажеш, тогаш навистина е тешко да оживееш лик…тој ќе остане празен, површен, беззначаен. А во процесот на креирање најважна е екипата со која што работиш .

Дали имаш улоги, автори, режисери кои ти се посебно драги и дали имаш некои кои ти се предизвик за во иднина?
●Најдраги улоги, кои би ги извоил од претставите кои до сега сум ги одиграл, се: Роберто Зуко,
Леоне Глембај, Хамлет, Ученикот…а, од режисерите со кои сум соработувал, ќе го издвојам Бранко Брезовец, како човек од кој најмногу сум научил и Кирил Петрески, со кој всушност почна ова мое театарско патешествие. Во последно време не ми е важно што ќе изиграм туку екипата и режисерот со кои ќе соработувам . Искуството ме научило дека “улогата од соништата” со погрешна екипа не вреди ама баш ништо.
Си настапувал во тетари надвор од нашата држава, како е да се креира лик таму, каков е односот на публиката кон театарот?
●Креирањето на ликот е процес, кој секаде е ист. Но, односот на публиката е навистина поразличен. Имаат навистина поголема почит, вреднување на театарската уметност, посебен третман кон актерите и постоење на критична маса, што кај нас одамна го нема.
Покрај театарот дали го сакаш снимањето на филмови, работата со камера?
●Најмногу на цел свет! Но сум немал среќа, сериозно да работам на филм…кој знае…можеби ќе се случи чудо, па ќе добијам некоја голема улога на филм и ќе се израдувам, како мало дете.
Како е да се живее со колешка?
●Па, јас не живеам со колешка…јас живеам со човек, кој освен сцената, го дели целиот живот со мене. Никогаш не сум помислил, дека дома живеам со колешка, ниту пак имаме таков третман. Дома живеам со Дани….најблесавото човечиште на светов!

Фотографиите се од албумот на Зоран Иваноски.


Сподели на социјалните мрежи