ТРЕТ БОЖИЌЕН КОНКУРС 2026

Сподели на социјалните мрежи

Храмот „Св. Преп. мчца. Параскева (Петка) Римјанка“ во нас. Точила, Прилеп, поттикнат од големиот интерес од претходните години, по трет пат го распишува БОЖИЌНИОТ НАГРАДЕН КОНКУРС за литературна и ликовна уметност, на кој право на учество имаат учениците од основните училишта во Општина Прилеп. Овој празничен конкурс е можност за сите основци од општина Прилеп да го изразат својот талент преку збор и боја, и да го почувствуваат Божикниот дух преку создавање.
В.д. старешина на храм Св. Петка, Протоереј Љупче Петрески информира дека целта на конкурсот е приближување на празникот до срцата на децата, нивно обединување во радоста на Рождеството и промовирање на важните вредности преку творештвото. Конкурсот носи и воспитно-образовен карактер, поттикнувајќи ги младите да се изразат преку уметност и да го развиваат својот креативен потенцијал. Тема на овогодинешнито конкурс е: „Мојата Божиќна приказна“
ЛИТЕРАТУРНИ ТВОРБИ
-Учесниците можат да создадат кратка лична или измислена Божиќна приказна.
-Може да биде современа или библиска, реална или плод на детската имагинација.
-Препорачливо е да се истакнат вредности како: мир, љубов, добрина, семејство, надеж…
ЛИКОВНИ ТВОРБИ
-Да прикажат сцена што ја претставува нивната Божикна приказна.
-Може да се користат различни мотиви: Светото Семејство, Божиќната ѕвезда, ангели, пастири, пештерата, мудреците, домот, радоста на празникот.
Напоменуваме дека насоките за творење се само препораки со цел да им помогнат на учениците поесно да ја развијат својата идеја. Тие не се задолжителни – секое оригинално и креативно дело е добредојдено.
Се бара целосна оригиналност на делата. Доколку комисијата утврди дека одредена творба е копирана или неавтентична, има право истата веднаш да ја отстрани од конкуренција.
Учесниците ќе се натпреваруваат во две категории, поделени по одделенија:
I категорија: Од 1-во до 5-то одделение
II категорија: Од 6-то до 9-то одделение
УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО
Литературна категорија
– Една творба (проза или поезија) до две страници, А4 формат, рачно напишани или со фонт 12.
Ликовна категорија
– Цртеж на блок бр. 4 или 5 или платно.
Творбите треба да бидат потпишани со:
име, презиме, училиште, одделение, име на ментор (ако има), адреса на живеење и контакт телефон.
Творбите се доставуваат исклучиво во храмот „Св. Петка“. Конкурсот трае од 20 ноември до 20 декември 2025.
На Бадник, по утринската богослужба (11:00 ч), ќе се одржи свеченото прогласување и доделување на наградите, проследено со духовна и културно-уметничка програма.
Оваа година во музичкиот дел ќе учествува и познатиот хор „Мали ангели“ при ООУ „Св. Климент Охридски“, под раководство на наставничката Маја Џопа. Сите учесници и нивните ментори кои ќе присуствуваат на настанот ќе добијат пофалници и награди, а првонаградените ќе добијат дипломи и предметни или парични награди. На платото пред храмот ќе бидат изложени творбите, а победниците од литературната категорија ќе ги прочитаат своите творби пред присутните.
Генерален покровител на годинешниот конкурс е – „Витаминка“ АД Прилеп.
Конкурсот е објавен на ФБ на Храмот Света Петка Прилеп:

https://www.facebook.com/profile.php?id=61559876354058


Сподели на социјалните мрежи