На 28.11.2025/ петок/ од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Линиска Стратиграфија“ од уметникот Давид Атанасоски. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам. Давид Атанасоски роден е во Прилеп 1995 година. Во 2018 година завршува Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство со конзервација и реставрација. Член е на меѓународната организација за уметност и култура Narrative Movements, досега има повеќе самостојни изложби во повеќе градови во државава и странство, а исто така учествувал и на повеќе групни излоби во државава и странство.
За изложбата:
Во современата графичка пракса, линијата не се појавува како непосредна трага, туку како резултат на структурен пресек на волуменот. Скулптурниот објект се трансформира во генератор на отпечатокот, создавајќи визуелен запис што ја артикулира меморијата на материјалот и го претвора тридимензионалниот волумен во двомерна, но концептуално проширена, визуелна структура. Композициите се сведени на суштината: трага и празнина, маса и одсуство, површина и сенка. Присуството на материјалот се артикулира низ отпечатокот, кој ја пренесува динамиката и поетиката на формата, отворајќи простор за читање на интензитетот на материјалната интеракција. Линијата се јавува како гест, документ и концептуален субјект, поврзувајќи го феноменалното и менталното, физичкото и когнитивното искуство на гледачот.
Процесот на отпечатување ја трансформира скулптурата во инструмент на цртање. Рабовите, вдлабнатините и издигнувањата стануваат генератори на ритам и ред, создавајќи мрежи од монохромни, напрегнати линии. Листот ја впива нивната гестуалност и ја зачувува материјалната вибрација на објектот, како визуелна хроника на уникатно материјално случување. Монохромијата ја ослободува композицијата од описност, насочувајќи го вниманието кон чисто гестуално и концептуално читање. Во оваа редукција се открива суштината на формата: нејзината кревкост, строгост и тивка драматичност, кои го рефлектираат моментот на непосреден контакт помеѓу материјал и отпечаток.Отпечатокот станува момент на присуство, визуелен запис на трансформацијата на волуменот во двомерна, но концептуално експанзивна, визуелна форма – вели Давид Атанасоски.














