ТРАНСПЛАНТАЦИЈАТА КАКО НОВА ШАНСА ЗА ЖИВОТ

Сподели на социјалните мрежи

Друштвото за наука и уметност – Прилеп на 1.12.2025 година (понеделник)  во просториите на Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп со почеток во 17 часот организира предавање на тема: „Трансплантацијата како нова шанса за живот“. Предавањето ќе го одржи универзитетската професорка д-р Јованка Тутеска, која предава на Високата медицинска школа при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, а истата е и член на ДНУ – Прилеп.

Во своето предавање професорката д-р Јованка Тутеска ќе ги запознае присутните со процесот  на трансплатација, со историјата и развојот на трансплатацијата во Македонија и со трансплантацијата како извор на надеж.

„ Трансплантацијата на органи е процес кој што спасува животи, дава шанса за подобрување на квалитетот на животот на многу пациенти и е важен дел од современата медицина. Со напредокот на медицинската технологија и хируршките техники, трансплантацијата на органи стана успешна постапка и нуди нови можности за пациенти со сериозни здравствени проблеми, како што се нефролошки, хепатолошки и кардиолошки нарушувања.

Во Република Македонија, трансплантацијата на органи се развива постепено. Уште во 80-тите години на минатиот век имало обиди да се воспостави редовна програма за трансплантација но се до 2012 година се работело исклучиво трансплантација на бубрег и тоа од жив донор. Значителен напредок е постигнат со донесувањето на Законот за пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, во 2012 година. Овој Закон овозможи трансплантацијата да се врши само во Јавните Здравствени Установи кои имаат овластување и услови да вршат трансплантации.

Од 2014 година, по донесувањето на Законот, започнаа и првите трансплантации на бубрези од починати донори, а подоцна и развојот на мултиорганската трансплантација. Во 2020 година, за прв пат беше изведена трансплантација на срце, означувајќи го почетокот на нова ера во трансплантацијата во земјата. Во истата година, и покрај предизвиците предизвикани од пандемијата на ЦОВИД-19, успешно се изведоа четири трансплантации на бубрези. Статистиката за периодот од 2020 до 2023 година покажува дека вкупно се донирани 86 органи, што говори за зголемената свест и алтруизам меѓу граѓаните.

Во соработка со ЕУ, Р. Македонија се насочува кон тоа да стане лидер во областа на трансплантација во регионот, поставувајќи нови стандарди во здравствената заштита и давајќи надеж и нов живот на своите граѓани. Според Законот за пресадување органи заради лекување, секој кој не се изјаснил дека не сака да донира органи се смета за потенцијален дарител по неговата смрт, но финалната одлука и потврдата на неговата волја е пренесена на најтесното семејство. Трансплантацијата како извор на надеж се темели на етички принципи. Трансплантацијата на органи, освен што спасува животи, ги поставува и темелите на етичките принципи во здравството, но и во општеството во целина. Органите се даруваат од луѓе кои починале, но согласноста за дарување ја даваат семејствата, а нивната дарежливост и желбата да спасат нечиј живот и да помагаат на другите, ги прави вистински херои“- објаснува професорката д-р Јованка Тутеска најавувајќи го предавањето.


Сподели на социјалните мрежи