The Hounds е прилепски бенд кој повеќе од 17 години е дел од македонскта музичка сцена. Рок бенд кој често има концерти низ цела држава, а публиката која била на нивни изведби во живо со нетрпение го очекува нивниот следен концерт.
Кога и како се роди The Hounds? Како го избравте името и одлучивте што ќе свирете?
-Идејата за хаундс се роди пред 17 години, почувствувавме потреба да се групираме во екипа што ќе е одлучена да живее за и од уметност. Изборот на името беше случаен, ни се допадна, и соодвестуваше на музиката што ја сакаме, свириме и твориме. А тоа што ќе свириме не беше избор, рокенролот ни беше судбина.
17 години ист состав, многубројни настапи и дружба со публика која ви е верна, што најмногу ви значи и ве радува кога ќе се сетите на сите свирки и песни во изминатите 17 години?
-Сме го кажале тоа во неколку интервјуа, најмногу не радува фактот што сме благословени да живееме од единственото нешто што сакаме да го правиме. Тоа ни значи најмногу, затоа работиме посветено сите овие години, енергијата што ни ја дава публиката и тоа како ја чувствуваме и цениме, не ја земаме здраво за готово и даваме се од себе пропорционално да возвратиме на љубовта.
Како е да се живее во духот на рок музиката?
-Најдобро на светот!
Сте свиреле низ повеќе градови во Македонија, каков е односот на македонската публика кон рок музиката?
-Ние имаме фантастични спомени од овие 17 години.
Како се создаваат авторските песни на The Hounds, кога може да очекува публиката нешто ново?
– Музиката ја создаваме сите заедно, пред нешто да излезе во етер мора првенствено нам да ни се допаѓа, на сите четворица, секој од нас има право на вето.
Знаете дека многу често во нашите албуми соработуваме и со други музичари, продуценти, изведувачи. Така ќе биде и во нашето трето студиско издание на кое се работи моментално. Повеќе детали ќе имате многу скоро.
Имате најверна публика во Прилеп, концерти на неколку култни места, каков е односот со прилепската публика?
-Ние сме Прилепски бенд, но имаме супер публика секаде, Македонија е премногу мала и ние ги сакаме сите луѓе, безразлика дали се од Прилеп, Битола, Скопје, Миравци или кај и да е на ова парче земја. Односот со прилепската публика? –Фантастичен. Во Петок свириме во Прилеп, повелете и проценете сами.
Какви се плановите на The Hounds за периодот што следи?
-Настапите за 2026 се скоро целосно потврдени и периодов посветено работиме на авторски материјал. Би требало првиот сингл да излезе во првиот квартал на 2026, како најава на третиот албум на Хаундс.
До тогаш здрави, живи. Се ќе дојде навреме. Ни порано ни покасно!
Фотографиите со од албумот на The Hounds




















