ФОРУМ ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ АКАДЕМСКАТА ЗАЕДНИЦА, РАБОТОДАВАЧИТЕ, СТУДЕНТИТЕ И АЛУМНИТЕ НА ЕКОНОМСКИ ФАКУЛТЕТ – ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

На Економскиот факултет во Прилеп се одржа QUADRUPLE HELIX – Форум за соработка меѓу академската заедница, работодавачите, студентите и алумните на Економски факултет – Прилеп. Настанот беше отценет како еден од оние историски кои ќе го обликуваат образованието, како прв чекор на Економскиот факултет – Прилеп, потоа на Универзитетот „Климент Охридски“ – Битола.
Целта на Форумот е антиципирање на потребите и очекувањата за компетенциите на студентите, односно високо-образованите кадри од полето економија и бизнис, а во насока на креирање нови или подобрување на постојните студиски програми. Основната идеја на преземените активности е дефинирањето: “какви кадри им се потребни на работодавачите и какви знаења треба да поседуваат дипломираните студенти на Факултетот?”. Дополнително, една од целите на Форумот е и дефинирање модалитети на соработка меѓу деловната заедница и Факултетот.
Во холот на Економскиот факултет, фокус групи од претставниците на академската заедница, работодавачите, студентите и алумните на Економски факултет – Прилеп разговара за какви кадри им се потребни на бизнис секторот во делот на знаење и практични вештини. За тоа колку е важен овој форум, односно овој начин ка креирање на новите студиски програми најдобро говорат изјавите на ректорот на Универзитетот „Климент Охридски“ – Битола и деканот на Еконмскиот факултет – Прилеп.
„Економскиот факултет од Прилеп традиционално негува отворена и тесна соработка со бизнис заедницата. Потврда за ваквата одлична соработка се стипендиите кои што бизнис секторот во континуитет ги одобрува за студентите на Економскиот факултет во Прилеп, така оваа година беа одобрени вкупно 30 стипендии за студентите за упис во прва година на првиот циклус на студии. Токму оттука произлезе и оваа иницијатива за организација на еден ваков форум, во насока на продлабочување и интензивирање на соработката со бизнис заедницата, меѓутоа со истовремено вклучување на студентите и алумните на факултетот. За таа цел беше спроведено анкетно истражување во кое што беа вклучени 107 компании и тоа за секоја студиска програма одделно, при што основната идеа е да се идентификуваат компетенциите,знаењата, вештините, што треба да ги поседуваат студентите на Економскиот факултет во Прилеп после нивното дипломирање. Се разбира се направи размена на искуства меѓу 4 групи на засегнати страни: работодавачи, академската заедница, студенти и алумни на факултетот. Врз основа на добиените резултати од ова истражување денес во работниот дел беа отворени дискусии за компетенциите на секоја студиска програма оделно. Крајната цел на форумот е добиените резултати да ги интегрираме во студиските програми за кои што факултетот почнува постапка за акредитација со почетокот на 2026 година. Сметам дека само на тој начин можеме да го зголемиме квалитетот на високообразовната понуда на факултетот. Односно да креираме студиски програми во согласност со реалните барања и очекувања на пазарот на труд. Студиски програми кои би биле насочени кон студентите и на тој начин да едуцираме, да креираме високо конкуретни кадри кои што ќе бидат препознатливи на пазарот на труд. Преку истражувањето беа идентификувани сите компетенции кои се од пазарот на труд и тие беа рангирани според нивната важност“ – истакна проф. д-р Татјана Спасеска, декан на Економскиот факултет – Прилеп
„Без лажна скромност можам да кажам дека овој настан, е еден од оние историски кои ќе го обликуваат образованието, како прв чекор на Економскиот факултет – Прилеп, потоа на Универзитетот „Климент Охридски“ – Битола, а сигурен сум ќе се прошират и на целокупното високо образование. Децении ние слушаме дека бизнисот не е задоволен, пред и се, од практичните вештини на нашите студенти. Децении се организираат трибини, тркалезни маси, но промени нема, ќе завршат тие церемонијални настани сите си заминуваме и продолжуваме по старо. Овој настан е прв чија цел не е церемонијалност, не е помпезност туку претставници на работодавачите, претставници на нашите алумни кои работат во тие компании, професорите и студентите, седнале на маса гледаат предмет по предмет, студиска програма по студиска програма, што им недостасува, го модификуваат со цел при наредната акредитација да го вклучат. Ако истраеме на овој процес сигурен сум дека практичните вештини ќе се зголемат повеќекратно и Економскиот факутет не само што ќе биде модел на универзитетот, јас веднаш ги задоложив одговорните да го репродуцира ова на другите факултети, а сигурен сум дека ќе го прифатат и другите високообразовни установи“ – рече во изјавата за медиумите проф.д-р Игор Неделковски – Ректор на Универзитетот „Климент Охридски“ – Битола


Сподели на социјалните мрежи