Прилепската публика Игор Јагуриноски и Борче Шабаноски последниве десетина години ги доживува како музичари кои живеат со рокот и блузот. Двајцата како дел од прилепскиот бенд Rock Blues Band, кој ги свири The Doors, Pink Floyd, Led Zeppelin….. но и како дел од бендот Иги Бок кои со две акустични гитари пеејќи многу песни (повеќе од 250) од Екс-Ју и светски поп и рок класици…прават незаборавни вечери низ локалите во регионов. Кој се Борче и Игор, нешто повеќе за нив и нивната заедничка работа.
Како се запознавте и кога и како почнавте да работите заедно?
Игор: Пред повеќе од 20 години Бен Хур (во тој момент Борче и Дуле) одлучиле дека им треба нов пејач. Преку заеднички пријател тапанарот Пеце – Сабатот ми понудија соработка и така почна нашата музичка дружба. Под името Бен Хур свиревме околу 10 години. Потоа, заради разлика во музичките стилови се разделивме со Дуле. Така јас и Борче ја формиравме Rock Blues Band каде јас сум пејач и ритам гитара, Борче соло гитара и бек вокал, Горан тапани и Љупче Шилото во првите години, а потоа Менде – бас гитара. А две години подоцна, почнавме со Борче да настапуваме и како рок акустично дуо Иги Бок, две акустични гитари и два вокали…
Борче: Јас и Дуле преку 15 години работевме како „Бен Хур“. Дуле ме изненади со неговиот предлог да ја прошириме групата со нов пејач (а јас очекував клавијатурист). Оваа одлука беше полн погодок и со Игор добивме нов, порокерски и поблузерски звук.
Колку публиката во регионов ја сака рок и блуз музиката и кои им се најомилени изведувачи?
Игор: Бројот на луѓето кои слушаат рок музика е драстично помал од луѓето кои слушаат естрада, но доброто е што тој број е постојан низ годиниве. А на вториот дел од прашањето ми е тешко да одговорам. Секој слуша она во што ужива.
Борче: Секако дека кај нас рок-блуз делот од публиката не е голем. Медиумската покриеност со Балкански поп и турбо-фолк е огромна. Имаме незначителен број на медиуми кои емитуваат рок и блуз. Затоа ние внимаваме во нашиот репертоар да вклучуваме познати песни од рок и блуз класиката, независно дали се тоа англиски или екс-ју нумери. Нашите настапи се одлично прифатени од публиката, но бројот на локали каде може да се настапи со ваков стил е ограничен.
Која е разликата кога настапува Rock Blues Band и Иги Бок?
Игор: Музиката која ја свириме и со двата бенда е иста, разликата е во звукот. Rock Blues Band е електричен бенд, погласен, со помоќен звук и со него настапуваме на поголеми сцени, а Иги Бок е акустичен клубски бенд, со потивок журкарски звук.
Борче: Стилот со двете групи е ист, со тоа што кога свириме со Rock Blues Band повеќе го преферираме англискиот дел од репертоарот. Јас лично со бендот повеќе уживам поради тоа што свирам електрична гитара која ми дава огромна слобода за солирање и презентирање на моите солистички идеи, а и самото присуство на тапаните и бас гитарата овозможуваат поенергични настапи.
Игор: Да се надоврзам на ова што го вели Борче, би рекол дека свирењето во Rock Blues Band и во Иги Бок е како свирење во два различни светови, но во ист универзум.
Како е да се биде со публиката со две акустични гитари и многу песни кои таа ги сака и очекува?
Игор: Прекрасно. Ние свириме само музика во која уживаме. Кога свириме пред публика која има исти музички вкус со нас, се создава една енергија меѓу нас и тогаш заедно влегуваме во еден друг универзум, а чувството е надреално…трансцедентално…тешко е да се опиши со зборови тоа чувство…
Борче: Rock Blues Band постои скоро 10 години, а Иги Бок 8. Акустичарската идеја беше од Игор, за која во почетокот јас бев скептик. Уште на почетните настапи со Иги Бок бев изненаден од рок енергијата што ја произведуваме само со две акустични гитари, а и од самата позитивна реакција на публиката. Со Иги Бок акустиката се создава и т.н. „акцијашка“ атмосфера типична за моменти кога се собира друштво со цел за лежерно пеење, свирење и дружење.
Дали имате музика (бендови, музичари) кои ви се омилени, кои места ви се посебно драги каде што свирите?
Игор: Омилен бенд ми е Pink Floyd. А сакам да ги слушам сите правци на Rock ‘n Roll-от, блуз, џез, нешто класика…односно слушам и Led Zeppelin и Diana Krall и Janis Joplin секако и мојата музика и многу други. А од местата за свирење секако клуб Калинка во Прилеп и Камарите во Битола.
Борче: AC/DC, Gary Moore, Doors, ZZ Top, Zeppelin, Pink Floyd, Clapton … Чорба, Азра, ЕКВ, Забрањено Пушење … Многу ги има … Најубаво се чувствувам и се создава „топ“ атмосфера кога свириме во Калинка – Прилеп и во Камарите – Битола.
Што е со авторската музика?
Игор: Заедно со Борче авторска музика имаме од времето на Бен Хур. Имаме снимено и објавено 4 песни од кои “Се ми е сеедно” остана како најголем хит. Снимивме и петта песна со работен наслов “Пак ти”, ама остана само како демо снимка. Со Rock Blues Band и Иги Бок сеуште немаме снимено ништо. Редовно правиме планови, ама никако да снимиме. Инаку јас работам и своја авторска музика која ја објавувам на интернет (Youtube, Spotify, Amazon music…) и за која пишувале музички портали од земјава, Србија, Хрватска и Босна. За мојата музика Борче многу ми помага во завршниот мастеринг на секоја песна. Тој има професионално студио и огромно искуство за таа работа.
Борче: Одамна планирам не само песна, туку и рокерско – блузерски албум со Rock Blues Band. Преку 25 години работам во моето студио. Компонирам, снимам и миксам песни за возрасни и за детски фестивали, во Македонија и за во странство. Планот за авторска музика за нас останува за тогаш кога ќе најдам време за себе, веројатно идната година.
Што да очекува публиката од вас во иднина?
Игор: Публиката може да очекува свирки со многу енергија. Сите кои ја сакаат рок и блуз музиката можат да дојдат на нашите настапи за заедно да уживаме и барем во тие два часа да влезиме во еден поинаков, музички универзум и тотално да заборавиме на секојдневието. И секако можеби конечно ќе седниме и ќе снимиме авторска музика.
Борче: Енергични рокенрол настапи, а за в година барем една песна и спот.
Фотограиите се од албумите на Игор и Борче

















