„ДОБРИ ЛУЃЕ“

Сподели на социјалните мрежи

На 05.12.2025 година (петок) во 20.00 часот на „Сцена 105“ во НУЦК ,,Марко Цепенков“ – Прилеп ќе биде прикажана театарската претстава ,Добри луѓе“ според Данкан Мекмилан , во изведба на Театар „Златен Елец“. Зад реализацијата на оваа театарска претстава се:
Адаптација и режија: Тамара Стојаноска
Играат: Тијана Трајчевска и Филип Христовски
Преведувач: Наташа Пеевска
Музика: Ива Дамјановски
Дизајнер на постер и рекламен материјал: Бојана Цилевска
Извршен продуцент: Бобан Алексоски
Фотографија: Данчо Стефков
Продукција: Театар „Златен Елец“ Скопје
„Добри луѓе“ е дуодрама работена според текстот Лунгс на Данкан Мекмилан и инспирација од The Relation Work Project (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај. Претставата е интимна анализа на една љубовна врска и зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните парови во денешно време и поставува едно навидум апсурдно, но легитимно еколошко и етичко прашање. Дали е оправдано да се има деца во загаден свет во кој секое суштество создава огромни количества јаглерод диоксид, но и во свет каде што тој нов живот треба да се соочи со некои сериозни егзистенцијални проблеми со можни трагични исходи: еколошки катастрофи, пандемии и огромни економски и социјални колапси?
„Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири. Ликовите живеат со анксиозност, паника и притисок од надворешната околина, но тешко и бавно носат промени во своите лични постапки и се губат во системот. Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост со прашањето дали се добри луѓе. Тоа што ликовите постојано се грижат и паничат, само по себе е еден вид заменски активизам; нивната пасивна грижа станува доказ за нивната добрина и ја негира потребата за реално дејствување.
Резервирање билети: 076/442-378


Сподели на социјалните мрежи