Синоќа,(6.12.2025) во Центарот за култура во Битола, се одржа првото Candlelight концертно искуство, настан што привлече големо внимание и ја донесе оваа светски позната музичка традиција и во Битола. Илјадниците внимателно поставени свеќи создадоа уникатен амбиент – топол, интимен и визуелно импресивен, кој ја воодушеви публиката уште со првите тонови.
Камерниот оркестар „Профундис“, под водство на диригентот Ѓурѓица Дашиќ приреди вечер исполнета со чувство, суптилност и висок уметнички квалитет. Комбинацијата на сценската светлина и живата изведба создаде искуство кое ја збогати секоја композиција и ја нагласи нејзината емоционална сила.
Особена привлечност на концертот внесе виолинистот од Македонската филхармонија Владимир Костов, чиј настап беше дочекан со голем интерес и топол прием. Со својот препознатлив музички израз, техничка прецизност и сценска харизма, Костов ја заокружи вечерта како едно целосно и длабоко доживеано музичко патување. Владимир Костов е роден битолчанец со меѓународна кариера, моментално работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“.
На програмата беа изведени дела од три различни музички светови:
• Густав Холст – St. Paul Suite
• Антонио Вивалди – Четири годишни времиња
• Драган Шуплевски – Македонско капричо бр. 1
Со ова издание, Битола се приклучи на повеќе од 100 светски градови кои го негуваат Candlelight формат — концепт познат по својата интимност, естетика и длабока врска меѓу музиката и публиката. Настанот беше оценет како едно од највпечатливите музички случувања во градот оваа сезона.

















