„ЈАС, ТИ И МУЗЕЈОТ“

Сподели на социјалните мрежи

Мимоза Христоска е дипломиран историчар на уметност со археологија, вработена во НУ Завод и Музеј – Прилеп веќе 12 години. Голем дел од својот професионален ангажман го посветува на истражување и заштита на спомениците на културата и културните вредности во општините Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Крушево. Од крајот на 2024 година и тековната година ја извршува функцијата директор на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп.
Каков предизвик е да се истражува минатото, да се зачува и да се направи достапно до пошироката јавност?
Истражувањето на минатото, неговото зачувување и презентирање пред јавноста е голем, но исклучително значаен предизвик. Како музејски работник, задачата никогаш не е едноставна, напротив, таа ме мотивира да откривам приказни кои обично остануваат скриени и да ги преточам во разбирлива и привлечна нарација.
Истражувам икони и фрески во четири општини кои опфаќаат над 200 цркви, што е голем предизвик поради фрагментираните извори, потребата за внимателна реконструкција на контекстот и анализа на симболите, но истовремено ни овозможува да ја разбереме духовната и културната еволуција на нашата традиција.
Кога ги водам посетителите низ Галеријата на икони, секоја икона им ја доближувам до нивните срца и умови, истакнувајќи детали кои често остануваат незабележани. Преку тие приказни не само што ја збогатуваме нивната културна свест, туку и ја поттикнуваме љубовта и почитта кон нашето културно наследство. Музејската едукација има клучна улога во развојот на публиката, а повратната реакција од посетителите ни е водилка во нашата мисија. Кога некој ќе ми каже дека сме оставиле силен впечаток, знам дека сме успеале.
Нашето културно наследство поврзува генерации и го надминува времето и просторот, затоа мора да се негува, почитува и зачува.
Вие сте директор на НУ Завод и Музеј – Прилеп. Како е организирана институцијата и што претставува нејзината работа?
НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп е национална установа чија основна улога е да го истражува, заштитува, проучува, презентира и афирмира културното наследство и традицијата на Прилеп и регионот.
Институцијата функционира преку неколку основни сектори:
• Сектор за заштита и конзервација на недвижно културно наследство – истражување, документација, конзервација и реставрација на археолошки локалитети, споменици на културата, архитектонски објекти и историски целини
• Одделение за идентификација и режим на заштита
• Одделение за заштита на движно културно наследство – опфаќа археолошки, етнолошки, историски и уметнички предмети, нивна конзервација и музејска презентација
• Одделение за археологија, етнологија, историја и историја на уметност
• Сектор за музејска дејност, каде се организираат постојани и повремени изложби, едукативни програми и културни активности
• Одделение за современа ликовна уметност и галериска дејност
• Административно-финансиски и технички сектор, кој се грижи за редовното функционирање на установата
Оваа година одбележавте 70 години од постоењето на музејот. Како го прославивте јубилејот и што е најзначајно од изминатите децении?
Под слоганот „Јас, Ти и Музејот“, оваа година го одбележавме нашиот значаен јубилеј, 70 години постоење. Од Народен Музеј, институцијата прерасна во Национална Иституција Завод за заштита и Музеј, што е потврда за долготрајната мисија и развој.
По повод јубилејот, организиравме бројни настани и програми со кои симболично „излеговме од ѕидовите на музејот“ и се отворивме кон јавноста. Реализиравме специјални изложби со наши значајни експонати, научни конференции со учество на историчари и уметници, како и публикации што ја документираат историјата и активностите на музејот. Благодарение на трудот на сите вработени, овој јубилеј го одбележавме достоинствено, афирмирајќи го богатото наследство што го чуваме. Посебно би издвоила дека во годината кога одбележувавме 70 години од нашето постоење имавме посебен однос кон децата и младите, па организиравме десетици (можеби и повеќе од 50) настани со деца од основните училишта, средните училишта и факултетите. Ги посетија нашите поставки, имавме серија на заеднички работилници, преку интерактивна соработка тие учат како да го чуваат и продолжуваат нашето културно наследство, да битат заштитници и промотори.
Кои се предизвиците пред музејот и пред вас како раководител во наредниот период?
Предизвиците секогаш се големи, како раководител секогаш се стремам кон напредок, кон реализација на значајни проекти за државата и културата. Целта е да ја зголемиме видливоста на нашето културно наследство, да ја доближеме институцијата до младата публика и да бидеме во чекор со новите технологии.
Колку посетители има музејот? Дали постои навика кај народот да посетува музеи и колку сте достапни за туристите?
Музејот располага со 11 поставки, достапни секој работен ден од 9 до 15 часот. Викендите се достапни за посета по претходно закажан термин.
Facebook страница: „Завод Музеј Прилеп“ — страницата е активна и редовно објавува новости, фотографии и информации за настани.
Службен веб-сајт: www.muzejprilep.org.mk — таму може да најдеш информации за контакт, адреса, редослед на поставки и актуелни активности
За жал, може да се каже дека домашната публика сè уште нема навика редовно да посетува музеи, повеќе посетители имаме од странство отколку од локалната заедница.
А сепак, Прилеп е град со исклучително богато културно наследство, и секој од нас треба да биде горд на тоа. Нашата историја, која се протега од праисторија до современа уметност, заслужува да биде позната, ценета и зачувана.
Мимоза Христоска, како ја избравте историјата на уметност со археологија како професија, и дали го работите она што го посакувавте?
Мојот избор не беше случаен. Средното образование го завршив во Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, културолошки смер, каде историјата на уметност ми ја предаваше професорка која со својата посветеност успеа да ме инспирира и насочи кон оваа професија. Никогаш не се двоумев во изборот.
И денес, кога би бирала повторно, би ја избрала истата професија. Ја работам со љубов и посветеност, секогаш стремејќи се да го извлечам најдоброто од секој предизвик. Иако не секогаш имаме можности за напредување и нашата работа не е секогаш доволно ценета, но задоволство е кога ќе добиете признание од колега, од посетител, од било кој човек кој ја разбрал и почувствувал вредноста на вашата работа и улогата во опшеството.


Сподели на социјалните мрежи