Песната „Моја“ можеби веќе сте ја слушнале некаде на интернет – ќе ви се допадне, ќе ве допре, но веројатно не ја знаете приказната зад неа. Ние ја пренесуваме таа приказна, како и човекот кој стои зад композицијата.
Игор Јагуриноски, кој со музика се занимава „скоро цел живот“, е познат на публиката како дел од дуото Иги Бок, пејач и ритам-гитарист во Rock Blues Band, и поранашен пејач на Бен Хур. Пред повеќе од три години, Игор одлучил да создава свои авторски песни, надвор од бендовите со кои настапува.
„Песни се пишуваат кога човек има нешто да каже. А јас имав и имам што да кажам“, вели Игор.
Тој комплетно сам ги создава своите песни – музика, текст, аранжман, свирење, пеење, спот. Секогаш започнува со музиката, потоа ги обликува стиховите, и така досега создал девет песни од кои пет веќе се објавени. Во текстот на секоја песна, како што вели Игор, има нешто лично, интимно. Некогаш тоа е еден стих, некогаш многу повеќе.
Игор преку песните раскажува своја приказна, кажува свои размисли, пренесува свои чувства и не сака да прави компромиси околу тоа како песната треба да звучи на крај. Затоа сам ги работи своите песни. Единствен музички гостин е неговиот син Михаил, со кого уживаат кога ги изведуваат соло-гитарските делови. Во техничкиот дел му помага партнерот од Иги Бок и Rock Blues Band – Борче Шабаноски, кој го прави мастерингот во своето студио.
Приказната за „Моја“
„‘Моја’ мене ми се случи. Се што напишав – претходно го доживеав. Затоа ми беше лесно да ја создадам“, споделува Игор.
Песната претставува спој на општествено ангажирана и љубовна лирика. Таа е контраст меѓу темнината на светот – војни, глад, кризи, омраза, поделеност, медиумска манипулација – и светлината на интимната љубов.
Таа темнина остава траги на сите, свесно или подсвесно, па, како што додава Игор, луѓето се затвораат во себе, се јавуваат анксиозности и депресии. „Спас е љубовта, како штитник од сите глупости. Барајте ја, ако веќе не сте ја нашле. Во каква било форма. А ако сте ја нашле – чувајте ја“, порачува тој.
Првата авторска песна – прва медиумска промоција
„Моја“ е првата авторска песна на Игор Јагуриноски. За неа е изработена студиска аудио верзија и видео-спот, составен од кратки видеа достапни за слободна употреба.
Песната е објавена на YouTube, Spotify, Amazon Music и други музички платформи, но ова е нејзина прва медиумска промоција.
Игор упатува благодарност:
„Одлично е што конечно постои портал кој промовира уметност, култура, литература и наука. Благодарност до порталот ‘Клуб Деница’ за промоцијата на ‘Моја’. Ви посакувам да траете децении.“
Слушнете ја „Моја“
Доживејте ја приказната која му се случила на Игор Јагуриноски и следете ги следните промоции на неговите авторски песни на овој портал.














