Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп оваа година одбележува значајни 80 години од своето постоење. По тој повод, денеска директорката Андриана Ристеска одржа прес-конференција на која ја презентираше програмата со која ќе биде одбележан јубилејот. Во текот на декември ќе се реализираат низа културни и едукативни настани, наменети за ученици, читатели, автори и сите љубители на книгата.
Агенда на јубилејни настани
16 декември 2025 (вторник), 18:00 часот
Доделување благодарници и дипломи за најдобрите ученици и нивните ментори во рамки на традиционалните конкурси:
• најдобар рецитатор (основни и средни училишта)
• најдобра лична творба (основни и средни училишта)
• најдобар краснопис (основни училишта)
Најистакнатите ученици ќе добијат награди и бесплатно членство во библиотеката за 2026 година.
17 декември 2025 (среда), 12:00 часот
Средба со членовите на Клубот на литературни творци од Прилеп:
• доделување Благодарница за долгогодишна соработка
• изложба на зборникот „Поетско Маркукуле“
• промоција на Зборник со песни од прилепските автори
22 декември 2025 (понеделник), 12:00 часот
Сеќавање на патронот Борка Талески
• полагање свежо цвеќе пред бистата во библиотеката, во Алејата на народните херои и во месноста Чашка – местото каде во 1942 година загинаа Борка Талески и Лазо Филипоски – Лавски
• изложба на дела посветени на народниот херој
• историско излагање на Горјан Василески за ликот и делото на Борка Талески
• доделување благодарници и награди за најдобрите читатели во одделението за деца и возрасни
• благодарници за донаторите на книги од семејните библиотеки на Мери Чкрипеска и Фанче Думбалоска
26 декември 2025 (петок), 12:00 часот
Завршен јубилеен настан – библиотеката ги отвора за јавноста сите изложбени поставки:
• изложба на ретки книги
• изложба од издавачката дејност на библиотеката
• трајна уметничка поставка со дела од прилепски автори, збогатена со бистата на Коле Чашуле (донација од Јелена Лужина) и дела од скулпторот Митко Филипоски
• трајна поставка со каширани фотографии на прилепски занаетчии
• изложба на реквизити од старите занаети
Со овој богат и внимателно подготвен програмски календар, библиотеката „Борка Талески“ ги поканува сите граѓани да се приклучат на прославата на 80-годишниот јубилеј и да бидат дел од манифестациите што ја слават книгата, културата и пишаниот збор.














