Во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, на 15 декември 2025 година во 14 часот, ќе биде отворена заедничката изложба на уметниците Петра Јовановска и Рафаел Ристовски. Поставката ќе биде достапна за публиката до 23 декември 2025 година.
Оваа заедничка изложба претставува спој на два различни уметнички пристапи – симболичниот и емоционалниот јазик на геометриските форми кај Петра Јовановска, и дигитално обликуваниот урбан пејзаж на Рафаел Ристовски.
Нивната визуелна комуникација создава уникатна уметничка приказна, во која апстракцијата, емоцијата и современиот дигитален израз се преплетуваат во една нова, заедничка уметничка целина.
Поетика на кругот – делата на Петра Јовановска
Централниот мотив во творештвото на Петра Јовановска е кругот – симбол длабоко вкоренет во нејзината креативна и животна филозофија. Совршената форма без почеток и крај ја носи идејата за вечност, непрекинлив циклус, космичко движење и универзално совршенство.
Кругот има значајна улога во уметничката историја – од духовната симболика на средновековната архитектура, преку ренесансата, па сè до современите уметнички практики. Јовановска ја продлабочува оваа симболика, внесувајќи ја и во контекстот на источните култури каде кругот носи посебни значења поврзани со хармонијата и духовноста.
Во нејзините композиции круговите се умножуваат и повторуваат, градејќи силна визуелна енергија. Преку различни медиуми и графички техники, уметницата ги преточува своите мисли, емоции и филозофски размислувања, создавајќи дела кои повикуваат на контемплација и интеракција.
Градот како инспирација – дигиталните визии на Рафаел Ристовски
Рафаел Ристовски се насочува кон новите медиуми, со особен фокус на дигиталната фотографија и визуелната манипулација. Неговата работа претставува истражување на природните и урбаните пејзажи, но и на односот на човекот со околината.
За Ристовски, урбаниот пејзаж не е само документарна претстава, туку огледало на емоцијата, моментот и внатрешната динамика. Често создава брзи визуелни „скици“, фотографии кои доловуваат фрагменти од секојдневието – играта на светлина и боја на небото, одразите на водата, блесокот на сонцето врз тревата.
Преку дигитална манипулација, тој ги засилува емоциите и создава нова визуелна димензија, спојувајќи го реалното со виртуелното. На тој начин, неговите дела го нагласуваат човечкиот однос кон просторот, природата и современиот град.














