Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, заедно со претставниците на компаниите „Бимфоод“, Мирко и Иван Биќанин, и „Матадор“, Игор Стеванов, денес одржаа прес-конференција посветена на претстојното одбележување на градската слава и патрониот празник Св. Никола, кој традиционално ќе се прослави на 19 декември.
Оваа година се одбележува јубилеј – 20 години од прогласувањето на Св. Никола за градска слава, одлука донесена од Советот на Општина Прилеп со цел обединување на граѓаните, бидејќи половина од прилепчани го празнуваат овој ден, а другата половина оди на гости.
Програма на прославата
Прославата ќе започне со богослужба во црквата „Св. Благовештение“, по што следува централниот настан пред параклисот на Св. Никола во центарот на Прилеп. Таму ќе се изврши традиционалното водоосветување и прережување на славскиот колач, како и најавата на новиот домаќин на прославата за следната година.
Потоа, на плоштадот „Александрија“ ќе биде благословен заедничкиот ручек за сите присутни. Годинава, музичката програма ќе биде со настап на прилепскиот бенд „Тајфата“.
Во рамки на празнувањето, на 18 декември во 14 часот, во Ликовниот салон при Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Уметниците во чест на Св. Никола“, од бројни македонски ликовни уметници. Традиционално, ќе се одржи и турнирот во мал фудбал.
Најави од организаторите
Градоначалникот Проданоски истакна дека е особено горд што јубилејното одбележување се случува токму во неговиот мандат и најави поразлична, побогата програма.
– Ќе бидат испратени покани до државниот врв, до градоначалници и ќе бидат поканети сите граѓани на Прилеп и Македонија. Посакуваме да го зајакнеме заедништвото кое е од големо значење за сите нас – изјави тој.
Како што најави сопственикот на „Матадор“, Игор Стеванов, годинава се враќа и традицијата на виткање сарми. Женски здруженија ќе започнат со подготовките во понеделник, во компанијата „Бимфоод“. На присутните на прославата на плоштадот „Александрија“ ќе им се дели пакувана храна, ќе има греена ракија и греено вино, како и голем шатор со маси за заеднички ручек.
Претставниците на „Бимфоод“ и „Матадор“ ги повикаа прилепчани масовно да излезат на 19 декември и да присуствуваат на прославата во чест на заштитникот на градот.















