НОВОГОДИШНА МАГИЈА НА ГОЛЕМАТА СЦЕНА: „ТРИТЕ ПРАСИЊА И ДЕДО МРАЗ“ ВО НАРОДНИОТ ТЕАТАР БИТОЛА

Сподели на социјалните мрежи

На 27 декември 2025 година, со почеток во 11 часот, на Големата сцена на Народниот театар Битола ќе се изведе новогодишната детска претстава „Трите прасиња и Дедо Мраз“, во авторство и режија на Јулијана Мирчевска. Станува збор за весела, динамична и интерактивна приказна која носи празничен дух и радост за најмладите гледачи.
Творечкиот тим на претставата го сочинуваат: сценографијата на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, тон мајстор е Александар Димовски, светло мајстор Горан Петровски, видео-оператор Владимир Переловски, инспициент Оливер Петровски, а суфлер е Мирјана Христовска.
Во претставата играат:
Гиле – Васко Мавровски
Риле – Живко Борисовски
Циле – Филип Мирчевски
Волкот – Николче Пројчевски
Прва снегулка – Софија Наумовска
Втора снегулка – Веда Мавровска
Трета снегулка – Ана Ангелевска
Приказната нè води во домот на трите прасиња кои со возбуда се подготвуваат за најубавата вечер во годината – Новата година. Очекувајќи го нивниот омилен гостин, Дедо Мраз, тие ненамерно прават мала грешка поради која во домот доаѓа Волкот. На сцената започнуваат забавни, но и напнати моменти исполнети со паника, страв и многу детска енергија.
Кога прасенцата сфаќаат дека сами не можат да се справат со неканетиот гостин, на помош пристигнуваат трите Снегулки. Со нивната поддршка, заедно успеваат да го надмудрат Волкот и да ја вратат празничната радост. Претставата завршува со доаѓањето на Дедо Мраз и заедничка прослава на Новата година, носејќи порака дека добрината и пријателството се најголемата сила – секогаш кога ќе се соочиме со тешкотии, вистинските пријатели ќе бидат покрај нас.
Претставата е наменета за деца на возраст од 3 до 12 години и претставува идеална празнична културна понуда за целото семејство.


Сподели на социјалните мрежи