Моментално во фоајето на НУ Центар за култура Битола, може да се посети самостојната изложба „Урбани апстракции“ од ликовниот уметник Дејан Макаријоски.
Изложбата се реализира во рамките на годишната програма на НУ Центар за култура Битола, поддржана од Министерството за култура и туризам, а ќе биде отворена до 18.12.2025 година.
Во својата критика, Васко Ѓоргиев истакнува :
На изложбата ни се претставени дела од последниот сликарски циклус на една од омилените теми на уметникот Дејан Макаријоски, односно прикази од својот град. Тоа се архитектонски фрагменти и мотиви од секојдневието но, за разлкика од претходно сега гледаме едно оддалечување од препознатливата, честопати туристичка слика за градот и навлегуваме во еден урбан пејсаж каде доминира расположението на оттуѓеност и изгубеност. Ваквото чувство е уште повеќе нагласено преку воздржаната палета и тонскиот контраст кој во комбинација со експресивните потези ја засилуваат фантазнагоричната атмосфера.
Едноставно некои мали детали и исечоци наѕирајќи меѓу слоевитоста на неопределениот простор алудираат на она што го нарекуваме Битола.
Но, сепак тоа се детали, остатоци од поблиското минато на едно славно културно- историско секојдневие кое можеби денес нема некој посебен дијалог со нас.














