ПРЕДНОВОГОДИШНА ЛИТЕРАТУРНА ДРУЖБА СО ИВАН АНТОНОВСКИ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

„Како се родила зимата? Што ќе се случи кога ќе се бакнат две облачиња? Од што е создадено сè што е убаво на светот? Зошто мора цвеќињата да венеат?“
Одговорите на овие и многу други прашања што ја разгоруваат детската љубопитност и фантазија ќе се побараат на предновогодишната литературна дружба и разговор со писателот Иван Антоновски, во организација на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Настанот е наменет за сите љубопитни и мечтателски деца, како и за нивните родители, баби и дедовци, а ќе биде посветен на двете книги за деца на Антоновски – „Бакнежи на небото“ и „Градина полна латици“. Промотивниот разговор и средбата меѓу децата и авторот ќе се одржат на 20 декември 2025 година, со почеток во 12 часот, во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Во рамките на настанот ќе се разговара за литературата за деца, за желбите и копнежите што книгите и илустрациите ги будат кај најмладите, а секое дете ќе има можност директно да му поставува прашања на авторот. Организаторите најавуваат магична предновогодишна атмосфера, исполнета со празничен дух, во која ќе се слават книгата, детската љубопитност и фантазијата.
Иван Антоновски е магистер по книжевност и асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, каде што, меѓу другото, изведува вежби по предметот Книжевност за деца. Покрај академската работа, тој е поет, писател, есеист, книжевен критичар и преведувач.
Домаќин и организатор на настанот е литературно-издавачката дејност при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, а модератор на разговорот ќе биде Александар Еленин.


Сподели на социјалните мрежи