(Видео) Интервју – Давид Нешкоски НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ НА „MATRIX“

Сподели на социјалните мрежи

Што значи за училиштето „Матриx“ организацијата на овој новогодишен концерт?

„Matrix“ има традиција во организирање на новогодишни концерти и разни други концерти за нашите ученици. Целта на организирањето на концертите е да ги охрабриме учениците и да им дадеме мотивација да учат, да напредуваат, да сакаат и да знаат како е чувството да се излезе на сцена и да настапуваш. Да можеш да изведуваш така како што го прават идолите кои ги гледаме на телевизија или на социјалните мрежи – да го видиш, да го почувствуваш тој мирис на сцената, да ја доживееш атмосферата и да разбереш зошто и како се работи она што го прават.
Какво е искуството-традицијата на „Matrix“ во организирање на концерти на кои настапуваат нивните ученици?

Организирањето на концертите во „Matrix“ е составен дел од функционирањето на школото. Зошто? Затоа што сè што децата работат на час имаат можност да го покажат пред своите најблиски, пред своите другари и пред сите кои сакаат да ги слушнат. Градбата на нивниот музички карактер се одвива единствено преку јавен настап – само преку излегување пред публика. Нашето школо го овозможува тоа во најдобриот можен капацитет, така што секој млад човек може да почувствува како е да настапува на концерт.
Зошто одлучивте концертот да биде поделен на два настани?

Годинава, за првпат, концертот го организиравме во два дела од многу едноставна причина. Првиот дел, така наречен „јавен час“, всушност е концерт за сите оние деца кои се релативно нови во нашата музичка фамилија и имаат шанса да се покажат – да видат до каде стигнале, без разлика колку нивното изведување е несовршено или недоволно подготвено. Тоа е апсолутно во ред. Како што веќе кажавме, преку овие настапи тие можат да се изразуваат музички и да почувствуваат како е сцената од најрани моменти на музичко учење. Со други зборови, од самиот почеток тие можат да се развиваат. Првиот дел, јавен час, е наменет за сите оние кои се почетници, кои сега учат и се запознаваат со основите на музиката. Вториот дел е голем концерт за сите поискусни, повозрасни изведувачи кои со години се дел од нашето школо. Тој е наменет за да можат да го покажат сето она што го постигнале – сите награди што ги имаат освоено низ светот и сите успеси да ги пренесат на македонската, односно прилепската, домашна сцена.
Што го издвојува Вториот концерт со интернационално наградуваните ученици?

Нашите ученици, кога ќе ги подготвиме за нешто и тие градат свој музички карактер, е сосема природно и нормално да сакаат да се развиваат и надвор од границите на нашата држава. И тоа е апсолутно во ред. Имаме ученици кои, нескромно кажано, настапуваат на Евровизија, на интернационални натпревари каде што се добиваат големи награди и признанија – почести за државите кои ги посетуваат. Тие сега имаат можност повторно да се вратат, како и некои други ученици кои веќе не идат редовно на школо бидејќи направиле следен чекор во својата кариера или се иселиле од Прилеп. Но, тоа воопшто не е важно. Важно е што тие сакаат повторно да бидат дел од нашето школо и да го покажат сето она убаво и професионално знаење што го имаат стекнато, и да можат понатаму да го надградуваат.
Каква музичка програма може да очекува публиката?
Домашната публика може да очекува програма од најширок дијапазон. Значи, можеме да очекуваме нашите тапанари, ученици на ударни инструменти да свират традиционални македонски песни, македонски ора, па сè до поп музика која нашите соло пејачи можат да ја изведат. Ќе има и свирење на блуз со гитара и пијано, како и изведби на џез теми, комбинации на инструменти, во најразлични стилови. Со други зборови, можеме да очекуваме најширок дијапазон на стилови на музика – или, народски кажано, за секого по нешто.
Дали концертот е наменет само за родители или за пошироката јавност?

Концертот е наменет за секој што има слух за новите, идните, како и сегашните големи македонски музички имиња. Значи, за секој што има желба, за секој што има љубов кон музиката и кон новите, можеби досега неоткриени имиња, може да дојдат да се почувствуваат како дома и да им го презентираме сето она што го имаме за да им го покажеме, така што концертот е наменет за сите.
Што сакате публиката да почувствува и понесе од овој настан?

Во секој стил на музика, така и во она што ние го работиме, многу е важно музиката да носи одреден вид на емоција. Не е важно каква е таа емоција — дали е љубов, дали е среќа, дали е тага, дали е жал — важно е публиката да го почувствува тоа. Кога ќе го почувствува, публиката како свое или на својата душа, тогаш артистот или изведувачот — во овој случај учениците — направиле нешто правилно. Значи, мојата порака и мојата желба е нашите ученици да можат целосно и искрено да се изразат, да го остават срцето на сцената, за сите да можат да почувствуваат токму она што нивното дело или нивната песна во тој конкретен момент го носи.
Како ваквите концерти влијаат на мотивацијата на учениците?

Концертите од ваков карактер се од огромно значење за секој ученик, без разлика дали е млад или возрасен. Кај нас доаѓаат ученици од сите возрасти. Не е важно дали е дете или возрасен човек. Качувањето на сцената е школо кое со зборови не можеш да му го опишеш на човек. Не можеш да му објасниш како навистина е да се качиш на сцената и какво е чувството што те обзема кога ќе застанеш таму, кога ќе го видиш светлото пред очите, кога ќе ја видиш публиката пред себе. Тоа е нешто што мораш сам да го искусиш. Чувството што го добиваш на сцената е апсолутно незаменливо и има клучно, односно круцијално, најважно значење за секој музичар што допрва ќе се развива. Токму затоа ги организираме концертите.
Каде и како може да се добијат информации за присуство на концертот?

За сите оние што сакаат да го посетат концертот, постојат неколку начини да стапат во контакт со нас. Социјалните мрежи секогаш се на располагање — функционираме на Instagram и на Facebook. Оставени се и контакт телефони, па ако не можеме да се поврземе преку социјалните мрежи, слободно очекуваме повик. Можете да резервирате карти, ние ве очекуваме и ќе се видиме на концертот.

Линк до видео интервју


Сподели на социјалните мрежи