„ПРИЛЕПСКА ПРАЗНИЧНА ПРИКАЗНА“

Сподели на социјалните мрежи

На прес конференција градоначалникот на Прилеп со својот тим и претставници на Прехрамбената индустија „Витаминка“ ја најавија „прилепската празнична приказна“. Тоа всушност ќе бидат 8 денови од 24.12.2025 до 1.1.2026 во кои прилепскиот плоштад ќе биде место на Новогодишен базар и богата и разновидна културно уметничка програма.
„Со големо задоволство денес ја објавуваме програмата за годинашното издание на „Прилепска празнична приказна“, настан кој оваа зима ќе го претвори нашиот град во вистинска празнична сцена, исполнета со светлина, музика, детска радост и заедништво.
Посебна благодарност упатуваме за учеството и коорганизацијата на нашата реномирана и општествено одговорна компанија „Витаминка“, к оја во наредната година ќе одбележи 70 години успешно постоење. Овој значаен јубилеј е потврда дека кога локалната самоуправа и домашните компании се обединети околу вистински вредности, резултатите се видливи и значајни за сите граѓани.
Со овој нов, а сепак традиционален концепт, кој симболизира зближување, заедничка дружба и празнична радост, воведуваме и еден дополнителен автентичен момент – Новогодишниот базар, со 7 големи дрвени, празнично уредени куќарки, во кои ќе бидат понудени храна, пијалоци и ракотворби, создавајќи ја онаа препознатлива атмосфера, симбол на големите европски новогодишни базари.
Културно-уметничката и музичката програма, како и Новогодишниот базар, ќе бидат отворени секој работен ден од 17:00 до 21:00 часот, а за време на викендите со целодневна програма. Ги поканувам сите прилепчани, како и сите граѓани на Македонија, да бидат дел од оваа празнична магија во Прилеп, да уживаат во богатата програма и заедно да создадеме спомени што ќе не обединат и внесат во новата година со насмевка и позитивна енергија“ – рече градоначалник на општина Прилеп Дејан Проданоски.
Локалната самоуправа сака да си ги задоволи сопствените граѓани, да даде друга поразлична, димензија на дочекот на Новата година, да привлече и туристи кои што би биле потенцијални потрошувачи во нашиот град, а со тоа на некој начин директно би и помогнале на локолната економија.
„Ова што нашата компанија ќе го обезбеди оваа година е поставување на 7 дрвени типизирани куќарки во кои ќе биде послужена храна, ќе има можност да се послужат граѓаните и со пијалок, а ќе има и понуда на ракотворби, ќе има секако и дополнителни содржини. Покрај тоа, нашата компанија ќе партиципира во организацијата, во забавната програма која ќе биде на бината за сите празнични денови. Бидејќи станува збор за новогодишна приказна, секако дека Витаминка ќе ги заслади празничните денови како и секогаш, на понуда ќе бидат и бесплатни наши производи, ќе има можности за сликање, фотографија со Дедо Мраз, ќе се доделуваат и пакетчиња, а ќе има и други изненадувања. Јас верувам дека оваа работа ќе премине во традиција, Витаминка како општествено одговорна компанија ќе настојува секоја година на некаков начин да се вклучува во организацијата и да ја поддржува оштината во напорите ова место да го прави подобро место за живеење – рече претставникот на Витаминка Орде Ѓорѓиоски, дел од менаџерскиот тим.
Оваа година во културно забавниот дел ќе има многу познати локални и национални музички имиња, некои од нив се: The Hounds, Владо Јанески, Вера Јанковиќ, Љубојна, Lockdown, Наум Петрески и други.


Сподели на социјалните мрежи