Филип Димкоски е македонски поет, преведувач и новинар. Автор е на шест поетски книги. Поезијата му е преведувана на петнаесетина странски јазици, а добитник е на неколку значајни признанија во Македонија, Хрватска и Србија. За афирмација на македонскиот јазик образованието Град Прилеп, му ја додели дипломата „3 Ноември“ во 2019 година. За себе вели дека основниот мотив за творештво го пронаоѓа во природата, па затоа голем дел од времето го минува во својата градина. За творештвото, преведувањето, работата со децата, но и за неговата општествена ангажираност, разговараме во ова интервју.
За почетоците и љубовта кон пишувањето
Кога и како започна Вашата љубов кон пишаниот збор? Се сеќавате ли на првите обиди за пишување?
Првата песна ја напишав во трето одделение на час за творење по македонски јазик кај мојата наставничка Розита Кареска. Песната носи наслов „Убавата есен“ и е поместена во мојата прва книга „Најхранливи зборови од детска душа дарови“ објавена во 2010 година, кога станав полуматурант. Песната беше пофалена од соучениците и од наставничката и се најде на ѕидниот весник. Тоа за мене беше силен поттик да пишувам нови творби што резултираше со објавувањето на споменатата книга, наградена со печатење од издателството Дата Песнопој во Битола.
Поезијата е силно присутна во Вашето творештво. Што за Вас значи поетскиот израз?
Според она што сум го објавил во облик на книга досега имам објавено само поезија, па читателите ме препознаваат по стиховите. Ако буквата „А“ е брва буква во азбуката, „стихот“ за мене е првиот глас на моето срце. Поезијата за мене е најдобар начин да се изразам себе си.
Колку личното искуство и емоциите се присутни во Вашите дела?
Мислам дека невозможно е вистинската поезија да не содржи траги од личните доживувања, личните чувства, личните радости и таги. Моќта на поетската реч е да овозможи во неа, односно во авторовиот израз да се пронајдат и читателите.
За наградите, книгите и преводите
Добитник сте на бројни награди. Колку признанијата влијаат врз мотивацијата и одговорноста кон творештвото?
Мислам дека е важно пред се човек да биде искрен пред себе си. А ако бидеме искрени пред себе си, ќе признаеме дека пофалбата секому му значи. Многупати се вели дека негативната критика повеќе го учи човекот отколку пофалбата, но јас не функционирам така. Наградите ми значат и многу повеќе ме обврзуваат, да работам и да станам подобар во она што го правам. Со оглед на тоа што поминаа петнаесет години откако ја објавив првата книга, во меѓувреме со едно сум на чисто-штом сум одлучил мојата работа да ја изложам јавно, треба еднакво да бидам подготвен и на позитивни и на негативни критики, односно на оценка од јавноста. Кога таа оценка е позитивна-секако ми значи,но не ја занемарувам ни негативната критика која доколку е искрена може да придонесе човек да се поправи. И уште нешто-секогаш признанијата прво доаѓаат однадвор, затоа што најтешко е да те признаат дома.
Вашите книги се преведувани на други јазици. Какво чувство е да се читаат Вашите стихови и текстови надвор од македонскиот јазичен простор?
Многу книги можат да бидат препеани или преведени на други јазици, но доколку тие книги не заживеат и не бидат прифатени од публиката, тогаш објавата нема особено значење. За среќа, две мои книги се објавени на српски, а две на бугарски јазик и веќе не сум непознат автор меѓу читателите во овие две држави. Се водам од мислата дека уметоста треба да носи универзални пораки и да му припаѓа на светот, па така големо признание е кога ќе бидете преведени, препеани и објавени и уште поважно читани, вон границите. Тоа што дел од моите песни се препеани на петнаесетина светски јазици секојдевно ми дава надеж дека можеби некој мој стих, на некој човек некаде во светов ќе му донесе макар минорна доза убавина во одреден миг.
Пишувате и на друг јазик – дали творечкиот процес се разликува кога пишувате надвор од мајчиниот јазик?
За мене мојот мајчин македонски јазик е светост. Како што вели големиот македонски поет Гане Тодоровски, тој е „воздишка низ која првпат сме заплакале“. Но моите чести книжевни патувања во државите од регионов, многуте исчитувања на регионалните автори на нивниот изворен јазик, резултираше да имам можност да творам и на други јазици, односно на српски и на хрватски. Тоа е чувство и диктат на срцето, а не моја намера. Тука би издвоил две песни: „Тајна постојања“ („Тајната на псотоењето“) на српски јазик застапена во зборникот „Има нека тајна веза“ („Има некоја тајна врска“) објавен во чест на поетот Душко Трифуновиќ која доби високи оцени од српската книжевна критика и песната „Питају ме“ („Ме прашуваат“) посветена на хрватската музичка дива Тереза Кесовија, која имав можност да ѝ ја прочитам во живо. Нејзините солзи предизвикани од емоцијата што ги носи песната, за мене се најголемо признание.
За преведувањето и препејувањето
Се занимавате со преведување и препејување песни. Што е поголем предизвик – да се пренесе смислата или емоцијата?
Како што и Вие, во прашањето го одделувате преведувањето и препејувањето, веднаш ќе појасниме дека песната подлежи на превод кој подразбира буквално пренесување на смислата, но препевот е тој кој ја „украсува“ песната, ја пренесува нејзината емоција, нејзината душа, го следи ритамот, ја следи римата доколку ја има.
Како го доживувате преводот – како техничка работа или како ново творештво?
Еден сликар еднаш ми рече дека кога ќе му кажам дека одам да се повлечам за да препејувам, сметал дека ја правам најдосадната работа на светот. Меѓуто преведувањето е возбудлива и забавна активност, полна со предизвици. Ми запира здивот пред секој збор што треба да го преведам. Сепак ако преведувачката работа кажеме дека е игра, ќе кажеме дека таа игра може да биде и многу опасна. Одговорноста е огромна. Дефинитвно, препеаната песна е нова песна и така е-преведувањето е ново творештво во кое сум исправен пред одговорноста, доследно да го пренесам гласот на оригиналниот автор.
За работата со деца и „Колибри“
Работите во списанието за деца „Колибри“ во дневниот весник Нова Македонија. Што Ве исполнува најмногу во работата со најмладите читатели?
Мојата интензивна работа поврзана со децата датира уште од 2017 година и до ден денеска тоа е причина што овозможува да го негувам детето во себе. Благодарение на таа работа, се чувствувам дека се уште не сум излегол од училишните клупи. Едно време работев како заменик уредник во издавачката куќа „Едука Мак“ во Скопје, каде со уредничката Славица Кузманова и со илустраторот Игор Јовчевски работевме на создавањето на списанието за деца од предшколска возраст „Супер Смешка“ за кое пишував и песни и раскази. Горд сум на проектот „100 илустрирани басни од Езоп“ врз кој работевме макотрпно. Потоа пишував за списанието за деца „Росица“ што го објавува издавачката куќа „Просветно дело“. Па, дојде еден голем предизвик за мене. Имено целосно го осмислив и бев прв главен и одговорен уредник на „Полжавче“-годишно списание на активностите за деца на организацијата Слоу Фуд Македонија. Работата врз создавањето на ова списание, јас си ја поставив како тест кој многу успешно го положив. И за сето оваа време мое „најверно другарче“ остана единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат „Колибри“ во Нова Македонија. Дружбата трае веќе петнаесет години. Прво во него пишуваа за мене, потоа јас пишував за другите на неговите страници под будното око на мојата уредничка и учителка по новинарство Марија Таушанска Анастасовска, па официјално станав новинар во Нова Македонија, за пред неколку месеци да станам уредник на „Колибри“. Многумина со неволност се будат за првиот работен ден во неделата, а за мене понеделниците се радост. Секој понеделник заедно со колешките Марија и Јадранка го креираме новиот врој на „Колибри“ кој се објавува секој вторник во рамки на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“. Сите процеси во работата со децата и за децата ме исполнуваат. Се радувам на сите нивни успеси и со радост пишувам за нив, исто така особена почит и поддршка оддавам на сите што позитивно влијаат врз развојот на децата. Работам многу и работата не е ни малку лесна и едноставна, ниту пак неодговорна, но мене ме исполнува и уживам во тоа што го работам.
Имате посебно добар однос со децата. Години наназад организирате настани со нив. Што мислите, како денешните деца ја доживуваат литературата?
Мојата книга за деца „Заедно да растеме“ објавена во 2018 година наиде на одличен прием кај децата и кај критиката во Македонија и во регионот, особено во Србија и во Хрватска. Споменатата книга во Хрватска го доби признанието „Златно перо“ за најдобра книга во регионот од страна на Хрватското книжевно друштво. Во Србија пак, истата книга во препев на м-р Снежана Алексиќ Станојловиќ, Банатскиот културен центар ја награди признанието „Сима Цуциќ“. Патував низ цел регион за да ја промовирам книгата заради големиот интерес и тоа ми ги отвори вратите на училиштата и библиотеките, а моите стихови најдоа пат до срцата на малите читатели. Што значи, од 2018 па до денес постојано сум во дружба со децата. Кој е мојот основен порив во работата со деца? Јас себе си зададов задача дека морам да воспитам и образовам своја читателска публика. Во време кога технологијата сака да ѝ го одземе приматот на книгата, книжевните дружби со децата ми укажуваат дека книгата може повторно да ги освои децата доколку им се доближи на вистински начин.
Колку е важно од најрана возраст да се негува љубовта кон читањето и пишувањето?
Тоа е системска работа и бара методички и издржан пристап. Не може секој да влегува во училница, не може секој да пишува литература за деца и не смее тоа да биде така. Кај нас работите се многу измешани. Но децата за среќа се многу искрени и остро реагираат кога постојат обиди да бидат излажани. Пред се лектирните изданија треба да подлежат на постојана ревизија и на промени. Генерациите се менуваат и треба будно да се следи нивниот развој, а книгите да бидат усогласени со истиот. Убавото пишување, читањето, рецитирањето и глумата придонесуваат младата личност да развие комуникативни вештини, потребни и важни во текот на целиот живот без разлика со каква професија ќе се занимава во иднина.
За литературните настани и активизмот
Учествувавте на бројни литературни настани во Македонија и странство. Кој настап Ви оставил најсилен впечаток?
Во едно од претходните прашања, одговорив за значењето на наградите, но ќе нагласам дека поголема награда од искажаните емоции на слушателите додека ги рецитирам моите песни, не постои. Нивните солзи-се медали, нивните насмевки-ордени, нивните наежувања-дипломи. Тоа се мигови кои со пари не се купуваат. А без разлика во кој град или во која држава настапувам, насмевките и солзите насекаде се исти, тие се универзален јазик на човекот. Ќе се обидам да издвојам некои моменти. Еве на пример, при промоцијата на бугарското издание на мојата книга „Во градината има само љубов“ во дворот на спомен куќата на Гео Милев во Стара Загора, додека рецитирав слета еден пар гугутки. Луѓето гледаа во гутките, ме слушаа мене и плачеа. Во Ровињ пак, рецитирав во најстариот брод на пристаништето, во Нови Сад во тунелите на Петроварадинската тврдина, а во Битола на еден мој настан дојдоа турски туристи, кои иако не разбираа ниту збор, останаа да го следат целиот настан веројатно препознавајќи ја емоцијата. На Златибор пак рецитирав поезија пред околу 2000 деца, на манифестацијата „Читалчиња“. Драги спомени носам и од настапите во Универзитетите во Љубљана и во Загреб, како и од фестивалите во Марибор, Казанлак, Белград, Тел Авив, Букурешт, Велес, Свети Николе, Пехчево…Бидејќи сметам дека сум самокритичен, секој настап е можност да бидам подобар од претходно или самостојно да увидам каде грешам за да се поправам.
Еден сте од организаторите на поетско-рецитаторскиот перформанс „Љубење со стихови“ кој годинава во ноември го имаше своето шесто издание. Како се роди идејата и што значи овој настан за културната сцена?
„Љубење со стихови“ настана во 2023 година и еве годинава го реализиравме по шести пат, што значи се случува два пати годишно. Досега пет изданија беа одржани во Прилеп и едно во Битола. Ова е перформанс кој се роди од искрена љубов и желба да се рецитира, да се претстави поезијата пред пошироката јавност. Со поетесата Лина Димоска се согласивме дека нѝ е потребен ваков настан и без многу двоумење почнавме со реалзиација. Искрениот пристап кон овој перформанс е ист како и на почетокот, со тоа што иксреноста и квалитетот се препознати, па така бројот на посетителите на овие настани постојано расте. За популаризацијата голем удел имаат и нашите пријатели и соработници како и локалните и националните медиуми, меѓу кои и вашиот портал Клуб Деница.
Колку ваквите поетски перформанси ја доближуваат поезијата до пошироката публика?
Тоа е и една од целите на „Љубење со стихови“. А во суштина намера за делење и давање има во се она што го работам. Уметноста е давање, делење и пренесување. Кога застанувам пред публиката јас доаѓам за да и дадам стихови, љубов, емоции, а не да земам од неа. Но, кога давате без да очекувате, секогаш сте во добивка. Секогаш добивате прегратки, љубов, насмевки, убави зборови, искрени емотивни изблици. И во секојдевниот говор често велиме за нешто дека е убаво како поезија, или кога се прават споредби во аналзиите на другите уметности и кога се сака да се потенцира нечие совршенство или убавина се споредува со поезијата. Ако се водиме според библиското дека „во почетокот беше Зборот“, поезијата е највозвишената уметност, најблиска до Бога. Денешниот човек колку и да ја занемарил важноста на поезијата, таа му е потребна на неговата душа за да ја облагороди. Па, што би бил животот без поезија?
За ЗОКУМ – Прилеп и идните планови
Вие сте претседател на Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп. Со каква визија е формирано здружението?
Идејата за настанувањето на ова здружение кај мене тлееше неколку години. Иако е основано годинава, јас уште пред две години знаев дека ќе се вика ЗОКУМ што пак е дијалектен прилепски назив за цвеќето олеандер, а кратенката го дава описот на здружението. „Виновник“ за да ја забрзам постапката околу регистрирањето на здруженеието е писателката Лина Димоска со која постојано соработуваме во безброј културни активности. Тука се нашите пријатели Марија, Анастасија и Тодорка кои не се експонираат во јавноста, но се наш ветер во грбот кој несомнено нѝ е потребен. Здружението е формирано во февруари 2025 така што постои неколку месеци и засега може да се каже дека сме задоволни од неговото функционирање. Реализириавме поетско претставување на српскиот поет Власта Н.Цениќ во соработка со библиотеката „Борка Талески“ и со училиштата „Блаже Конески“ и „Рампо Левката“, потоа спорведовме акција за подарување на книги и го реалзиравме шестото издание на „Љубење со стихови“. Визијата на здружението е да го пополни оној голем празен образовен, културен и уметнички простор во Прилеп, да ги искористи неговите потенцијали и да претстави нешта кои ќе ја разбудат прилепската публика, особено онаа која кренала раце од културно-уметничкиот живот во градот.
Кои се следните активности и цели на ЗОКУМ?
Како носители на дејноста на ЗОКУМ и Лина и јас, имаме свои професии, свој приватен живот и свој книжевен живот вон работата на здружението, но кога станува збор за активностите на истото многу лесно се договараме и се зафаќаме со активности како тоа да е најлесната работа на светот, а воопшто не е. Следната година ќе следат две изданија на „Љубење со стихови“ од кои едното, традиционално ќе се случи кон средината на февруари. Во текот на годината предвидени се повеќе образовни активности како курсеви и работилници од разни области и за разни возрасти, настани за деца, почеток на издавачка дејност која е предвидена во работата на здружението и уште неколкку проекти кои се разработени, но ќе бидат реализирани доколку имаме пред се финансиски можности.
Наскоро не очекува настап на манифестацијата „Празничен шепот на крушевската чаршија“ каде првпат ќе ја изведеме нашата авторска новогодишна програма за деца насловена по мојата песна за деца „Патот на новогодишната елка“ по сценарио на Лина Димоска. Програмата содржи наши авторски песни и раскази.
Инаку веќе ја конципиравме програмата за работа на Здруженеито за 2026 година и идејата е да се спроведат толку активности колку што има месеци во годината. Нам ни е важна видливоста на настаните и бенефитот од нив што го имаат граѓаните. Бидејќи има интерес, некои луѓе дури и самите дадоа идеи за одредени активности, а тоа е и смислата. Има луѓе кои доброволно изразија желба да се вклучат во реалзиација на одредени активности, така што секако во фокусот остануваат поетските вечери, издавачката дејност и книжевните настани за деца што се однесува до уметноста, курсеви и работилници што се однесува до образованието и интердицциплинарни настани поврзани со историјата, традицијата и екологијата што се однесува до културните содржини. Идејата ми е да ставиме акцент на неформалното образование, за работите што не се учат во училиште а претставуваат важни животни вештини.
На што моментално работите и што можеме да очекуваме од Вас во блиска иднина?
До крајот на годинава ме очекуваат уште два броја на „Колибри“ кои ги подготвувам со особена радост затоа што последниот ќе излезе на 30 декември, па тоа ќе го прослвиме заедно со децата од ООУ „Браќа Миладиновци“ во Скопје и со претходните уредници поетот Перо Миленкоски и новинарката Марија Т. Анастасовска. Во подготовка пред печат е мојата нова поетска книга за возрасни. Ќе биде едно необично издание со кое следната година ќе одбележам петнаесет години од објавувањето на мојата прва книга и петнаесет години активна книжевна дејност. Готова е и збирката раскази за деца која одамна стои во фиока и се надевам дека конечно ќе биде објавена следната есен.
Што би им порачале на младите автори кои сè уште го бараат својот глас во литературата?
Прво доколку сметаат дека преку книжевноста ќе дојдат до брза слава и до многу пари, веднаш нека најдат друга активност. Второ, тешко на оној писател кој има повеќе напишано отколку што има прочитано. Трето-без алат, нема занает. Алат во пишувањето е зборот, па без постојано да се надградува знаењето за мајчинито јазик, нема напредок. Четврто-најголемата награда е благословот и талентот, а самиот чин на создавање е најголема среќа. Петто-да бидат доследни, посветени и да одат до крај и шесто да сфатат дека времето е најголем показател за квалитетот и дека во уметноста е важно траењето, па така треба постојано да се одржува жив стремежот за да се создава уметност што остава трага. Кога ќе ги знаат овие шест работи, доаѓа седмата, а тоа е дека доколку се искрени и посветени во она што го прават, самадовербата ќе дојде сама по себе и ќе им даде сила да се претстават на вистински начин без разлика на попатните препреки, кои секако ќе ги има.




















