ЗАВРШНИОТ НАСТАН НА ПРОЕКТОТ „ЕКО-ИНОВАЦИСКИ ХАБ“

Сподели на социјалните мрежи

На Економскиот факултет – Прилеп, се одржа завршниот настан на проектот „Еко-иновациски хаб“, на кој беа презентирани постигнатите резултати и официјално беше промовиран Еко-иновацискиот хаб – нов простор наменет за учење, иновации и развој на еко-одржливи решенија.
Настанот беше отворен со поздравен говор на деканот, проф. д-р Татјана Спасеска, која истакна дека овој хаб претставува значаен чекор во стратегиските намери на Факултетот за создавање одржлива и иновативна академска средина и зајакнување на поврзаноста меѓу образованието, иновациите и практиката. Потоа се обрати заменик министерката за животна средина и просторно планирање, м-р Ане Лашкоска, која ја нагласи важноста на ваквите иницијативи за поттикнување на зелената транзиција, младинските иновации и зголемувањето на јавната свест за одржлив развој.
Во рамки на програмата, проф. д-р Моника Ангелоска – Дичовска ги презентираше проектните активности и резултати, притоа потенцирајќи ја потребата од континуирана соработка меѓу академските институции и другите клучни чинители, како и интегрирање на вакви практични и применливи активности во наставата.
Дополнително, проф. д-р Мери Бошкоска– проектен координатор на Еко-иновацискиот хаб, одржа демонстративна сесија на која беа презентирани опремата на хабот и практичните процеси на рециклирање, екструдирање и 3D печатење, како и веќе изработените еко-производи, при што ја истакна нивната практична употребливост, функционалност и потенцијал за примена во секојдневниот живот, како и нивното значење во подигнувањето на свеста за циркуларната економија и одржливото користење на ресурсите.
Настанот заврши со отворена дискусија и размена на идеи за идна соработка.

Проектот „Еко-иновациски хаб“ е реализиран со финансиска поддршка од Министерство за животна средина и ПП / Ministria e Mjedisit Jetësor dhe PH


Сподели на социјалните мрежи