ЉУБОВТА ТРЕБА ДА ЈА ПЕРЦЕПИРАМЕ НЕ КАКО ЧУВСТВО, ТУКУ КАКО СОСТОЈБА, КАКО ВРВНА ВРЕДНОСТ

Сподели на социјалните мрежи

Билјана Тинтоска е професор по македонси јазик и писател. Со литература се занимава од деството, а после дипломирањето на Филолошкиот факултет во Скопје, на отсекот за Општа и компаративна книжевност почнала да работи во тогашниот Центар за печат, радио и телевизија Прилеп и локалниот неделник – весникот „Народен глас“, со повеќе работни задолженија, како: лектор, преведувач, реализатор, уредник на утрински вести на Радио Прилеп. Од 1998г. работи како професор по македонски јазик и литература во Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ Прилеп и е голем заљубеник во својата професија. Ментор е на Драмската секција на училиштето „Слободно театарче“, со којашто бележи многу успеси, награди и признанија. Романот „Овде или во вечноста?“ е прв нејзин објавен роман. Во октомври 2019г. го објави и својот втор роман „Каде што реката го бакнува небото“. Во мај 2022г. го објави својот трет роман „Ангел во тело“, како и збирката раскази „Работилница за живот“, а во мај 2024г. ја издаде својата петта книга, романот „Симфонија“. Во 2024 година ја доби и наградата на град Прилеп 3-ти Ноември за успех во воспитно – образовната дејност и во областа на книжевноста.
Како се надополнуваат улогите на професор по македонски јазик и литература и писател во Вашиот живот?
Професијата професор – просветен работник е професија што би ја избрала и ако повторно се родам. Ја работам со голема љубов, посветеност и задоволство. Од тие заложби произлегува и писателската вокација. Она што сакам да им го порачам на моите ученици и на нашите идни поколенија, а е плод на долгогодишното работно и животно искуство, е главниот мотив за моите книги.
Авторка сте на пет книги. Која нишка ги поврзува Вашите романи и раскази?
Да, авторка сум на романите: „Овде или во вечноста?“, „Каде што реката го бакнува небото“, „Ангел во тело“ и „Симфонија“ и збирката раскази: „Работилница за живот“. Главна нишка што ги поврзува е љубовта, во сите нејзини пројави, а над сѐ – љубовта кон Бога, од која произлегува и љубовта кон луѓето.
Љубовта е централна тема во Вашето творештво. Зошто токму таа?
Токму како што кажавте и како што јас погоре спомнав, љубовта е централна тема во моето творештво. Тоа – оттаму што љубовта е најсовршената смисла и врвна категорија кон која секој од нас треба да се стреми. Љубовта во последно време се споменува во несоодветна формулација. Под љубов, за жал, денес се подразбираат многу нешта, а не она што таа впрочем е – врвен принцип. Современиот свет често ја изопачува нејзината големина и светост. Свесна за тоа, а работејќи со младите личности, сакам преку своите книги да ја сочувам за нив вистинската суштина на љубовта, таква каква што треба да ја практикуваме.
Романот „Овде или во вечноста?“ има силен емотивен набој. Како ја доживеавте реакцијата на публиката на првата промоција?
Промоцијата на романот „Овде или во вечноста?“ беше мое прво и мошне драгоцено искуство во средбата со мојата читателска публика. И ја користам и оваа прилика искрено да ѝ се заблагодарам и да ѝ кажам дека моите читатели секогаш и најмногу се мојата најголема поддршка и инспирација.
„Симфонија“ говори за загубата и радоста. Што сакате читателот да го понесе од овој роман?
Токму така, и уште повеќе: „Симфонија“ говори за најголемата болка – загубата на рожбата, на чедото, најголемата и ненадоместлива болка, но говори и за радоста на животот која е возможна само кога во нашите животи е присутен Бог, како и за надежта. Намерата, како богојавление, се појави непланирано – читателот да ја научи и понесе единствената вистина дека човекот без Бога е сам и празен. Дека само Бог може да ни даде сила и крепост да научиме да живееме и со нашата болка, колку и да е таа голема, да си го носиме крстот смирено и да бидеме благодарни за сѐ што имаме.
„Каде што реката го бакнува небото“ е книга за три љубови. Колку тие три столба се присутни и во Вашиот секојдневен живот?
Овој роман има посебно место во мојот живот. Врзан е директно за споменот на мојот дедо по татко, инспириран од вистинит настан во неговиот живот и од восхитот за начинот на кој тој смирено ја носи пројавата на љубовта и преку силата на верата, успева да ја преточи во најсовршениот нејзин вид – љубовта кон Бога и преку тоа – кон луѓето. Растејќи крај него, имав прилика да бидам благословена со тоа негово искуство и сознанието дека сите луѓе ни се ближни иако не сме со сите во крвно сродство. Во животот на секој од нас секојдневно е присутна љубовта кон семејството, кон брачниот сопатник, но и кон сите кои на овој или оној начин се покрај нас и околу нас. Љубовта треба да ја перцепираме не како чувство, туку како состојба, како врвна вредност.
Во „Ангел во тело“ и „Работилница за живот“ се чувствува силна духовна и културна димензија. Колку фолклорот и духовноста се важни во современата литература?
„Ангел во тело“ е роман за најблагородната професија: лекарите и целиот медицински персонал. Тука голем удел има присуството на мојот вујко – лекар специјалист во мојот живот. Иако денес не е меѓу нас во овој свет, има оставено силна и неповторлива трага зад себе. И „Ангел во тело“ е роман за животот, со сите негови осцилации во радост и тага, пад и подем, пропаѓање и духовно издигнување и љубовта како врвен принцип. Овој роман читателите го нарекуваат и роман за млади. Затоа топло го препорачувам, исто како и збирката „Работилница за живот“. И таа е инспирирана од идејата за поттик на младите да го запазат, познаваат, негуваат и чуваат нашето традиционално културно и духовно богатство. Како идеја ми послужија дванаесет македонски народни изворни песни, со двојна цел: ем тие да ми станаат инспирација за дванаесет раскази, ем нашите млади поколенија преку расказите да го забележат, да го спознаат и да го чуваат нашето народно творештво. На прашањето ќе одговорам со една, некаде прочитана, мисла: „Традицијата не е обожавање на пепелта, туку одржување на огнот“, за да потврдам колку многу фолклорот и духовноста се важни во современата литература.
Како професор, настојувате да ја разбудите љубовта кон книгата кај младите. Со кои предизвици најчесто се соочувате?
Некој извонредно паметен мислител еднаш рекол дека: „Децата кои читаат книги ќе пораснат и ќе се развијат во зрели, креативни и длабоки личности.“ И тоа е точно, а ми го докажала и мојата сопствена огромна љубов кон читањето книги, како и разновидните искуства од работата со младите. Факт е дека читањето книги сите нас нѐ прави своевидни режисери, ни ја збогатува и разработува фантазијата, емпатијата и мислењето со своја глава. За жал, денес младите растат со силниот и брз наплив на информации, од кои повеќето се непотребни. Човекот очекува безброј информации во секунда и затоа ретко кој ја одбира книгата, зашто нејзините откритија се бавни, ама сигурни и стабилни. Токму заради второво, младите луѓе слабо посегаат по книгата, несвесни дека пропуштаат многу. Се трудам да им ја поттикнам љубовта кон книгата и преку наставната програма, интерактивната работа, но и преку книгите што ги пишувам, бидејќи еден од главните мотиви за нив се моите ученици и грижата за нивното духовно здравје и богатство. Во таа насока е и 26-годишната работа со Драмската секција „Слободно театарче“ на СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп, чиј сум основач и ментор. Во успешната работа на секцијата, која има добиено бројни признанија, е вплотено и настојувањето да се разбуди љубов на членовите кон пишаниот збор, кој тие можат да го изречат и на „штиците што живот значат“.
Што може литературата да им понуди на младите во едно брзо и дигитално време?
Сообразно со одговорот на претходното прашање, книжевноста им нуди на младите сѐ она што не успева дигиталното време. А тоа е: трпеливо и стабилно извлекување заклучоци и создавање свое мислење, наместо сервирани слики и брзи, бројни информации; потоа – огромно емотивно искуство кое побудува емпатија што произлегува од личното доживување во средбата со книжевниот свет; ја збогатува фантазијата и потребата за создавање, креативност и инвентивност. Или со еден израз, книжевноста го зголемува духовното богатство на човекот. А тоа е единственото што можеме секаде и во секое време да го носиме со себе. Со книгата можеме да ги живееме своите денови живо и неповторливо, оти книжевноста прозлегува токму од животот.
По повод 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп, ја добивте наградата на градот за постигнати успеси во воспитно-образовниот процес. Што значи ова признание за Вас лично и професионално?
Минатата, 2024г., ја добив Наградата на мојот град за успех во воспитно – образовната дејност и во областа на книжевноста, што впрочем е сублимација на тие два димензии од мојот живот. Секако дека ова признание има големо значење и лично и професионално. И Му сум благодарна прво на Бога, потоа на моите колеги чија беше иницијативата за предложување, а и на граѓаните на град Прилеп. Но, ова признание најмногу за мене значи поттик за натамошен труд за уште придонеси кон заедницата во која живеам и работам.
Кои пораки сакате читателите да ги понесат со себе откако ќе ја затворат Вашата книга?
Најважната порака што сакам да им ја дадам на моите читатели е да ги негуваат верата, надежта и љубовта, да веруваат во убавината на животот, да го мерат истиот со вистинските вредности, наспроти скарадностите на модерниот свет што секојдневно ни ги сервираат. Сакам моите читатели да знаат да го живеат животот, да учествуваат во него со сите свои потенцијали и вредности, како што тоа го прават ликовите во моите книги. И никој од нас да не заборави „секогаш да биде човек, а никогаш нечовек“, како што тоа симпатично и одговорно го порачуваше патријархот Павле, блажен да му е споменот.
На што работите во моментов и што ново може да очекува читателската публика од Билјана Тинтоска?
Накрај сум со пишувањето на нова збирка раскази, но насловот и содржината засега нека останат изненадување за читателската публика. Истовремено, работам и на нов роман и рано е да се каже кога тој ќе ја здогледа светлината на денот. Новата збирка раскази е она што мојата читателска публика ќе го добие во скоро време.
На сите читатели на „Клуб Деница“, на Вашата редакција и на сите луѓе им посакувам среќни и надежни претстојни празници!


Сподели на социјалните мрежи