Михаела Пурдеска од Прилеп е млада, добро воспитана девојка, тивка по карактер, но моќна и гласна во музиката. Таа само што наполни 14-сет години, исклучително талентирана вокална солистка која со еднаква сигурност и емоција се движи низ светот на класичната и поп музиката. Нејзиниот глас се одликува со чистина, техничка прецизност и силна интерпретативна изразност, што ѝ овозможува да остави длабок впечаток кај публиката и стручните жирија каде и да настапува. Михаела има освоено безброј домашни, меѓународни и интернационални награди на престижни натпревари и фестивали. Нејзиниот труд, посветеност и љубов кон музиката ја издвојуваат како млад уметник со голем потенцијал и на кого му претстои блескава музичка иднина.
Нејзините почетоци се на 4 годишна возраст во Градскиот хор „Мали Ангели“, каде на аудиција од многуте деца низ градинките ја открива Професор Маја Џопа и Андријана Чело. Потоа се запишува во ОМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“, каде што изучува пијано и соло пеење, а својот вокал го надоградува и во приватното музичко училиште „Матрикс“.
Кога и како започна твојата љубов кон пеењето?
Мене ми раскажуваат дека на две годишна возраст не сум се одделувала од компјутер, каде мајка ми ме научила како сама да си пуштам песни. Тоа сето ми е како блед сон, кога разговараме се сеќавам дека премногу слушав детски песни. Интересно е што јас некаде на 5 годишна возраст слушав и Селин Дион, Фреди Мерк Јури, Стинг, Бјонсе, Адел и мојата неизбежна до денес Витни Хјустон. Но, од секогаш сум ги обожувала и ги слушам Тоше, Калиопи, Каролина Гочева, Ареа, Андријана и други, но сакам да ги пејам некогашните македонски евергрини, посебно заради содржината во текстот. Од народната музика ја сакам староградската музика. Искрено незнам кога и како сум почнала со музиката, но јас легнувам и станувам со музика, но само добра музика.
Се сеќаваш ли на првиот самостоен настап и како се чувствуваше на сцена?
Првиот мој настап беше со пијаното на интерните часови, тогаш прв пат видов како е да настапуваш пред публика, но исто прв мој настап беше на МТВ, некаде на 5 годишна возраст и пеев песна од Магазин. Па како се чувствував…како дете?! Немав уште развиени чувства за страв и срам излегував и свирев, пеев, се поклонував и заминував. Колку било кавалитетно кој рамислувал сум била дете. За разлика од сега кога чувствата и адреналинот се до небо. Кога размислувам за првите мои настапи, или ги гледам снимките, се прашувам само како сум можела така лесно да си излезам на сцена, работава испеав и си заминав. Посебно на настапите на WAF Contest на 11 годишна возраст ја пеев евровизиската Fire, наредната година 2024 пеев од Адел, и се чувствував одлично. Но минатата година пеев од Витни Хјустон и почувствував трема. Така е тоа некако на тие мои години, со тек на времето одговорноста е поголема и чувствата не се исти. Некако сум се чувствувала премногу детски и опуштено, за разлика од сега.
Учиш во основно музичко училиште и посетуваш часови по пеење во приватното училиште Матриx – колку ти значи таа поддршка?
Редовен сум и солиден ученик во основното музичко училиште, со две признанија за постигнат висок успех на државни и меѓународни натпревари. Музичка наобразба си е музичка наобразба и тоа сега како поголема ми е многу јасно, а како помала понекогаш имавме расправии со мајка ми кога ќе и кажев денеска ми студи и не одам во музичко. Не да не одев, трчав кога ќе го слушнев гласот на мајка ми од другата страна на телефонот. Сега ја разбирам кога инсистираше да ми објасни дека музичкото училиште е исто како и моето основно во „Климент Охридски“ и мора да се посетува редовно. Но, некако стигнувам со се. Морам да истакнам дека со професорот Стефан Неданоски освојувавме награди по соло пеење- класична музика, и неговиот совет беше дека морам да одлучам колку ќе се посветам на класичната музика, а колку на забавната музика.Тој беше за класичната.
Ме прашавте и за приватното училиште „Матрикс“, каде мој ментор е Денис Димоски. Сметам дека добро е да се посетува и приватно училиште со цел да се гради гласот. Напорно и тешко е викендите да се поминуваат со пеење, но се снајдувам во сето тоа, а посебно што Денис сака и инсистира за наредниот пат земената песна веќе да е донекаде усовршена. Сега за нареднава година на 8 јануари се подготвувам за „WAF Contest“, ќе пејам тешка песна и пробите се напорни. Односно пробите ми се повеќе дома. Понекогаш ја претерувам и се сеќавам дека треба да запрам, зашто она што го читам за гласните жици и она што ми го советуваат професорите е гласот да се чува и штеди.
Освои прво место на фестивалот „Песните на Тоше“ – што значи ова признание за тебе?
Да се пее песна од Тоше е голема одговорност пред се од почитта која ја чувствуваме сите кон неговиот лик, неговото богато музичко наследство, но и неговата љубов кон цел свет. Што значи? Значи голема радост, но и болка. Голема Болка! Ова е престижна награда за мене, но јас му ја посветувам на Тоше. Незнам како да се изјаснам за награда која сум ја освоила на Фестивалот „Песните на Тоше“. Вистински незнам!
Во ред, неможеш да говориш за наградата, но можеш ли да ни опишеш какво е чувството да настапуваш со песни поврзани со ликот и делото на Тоше Проески?
Тоше го носам во душата и кажав чувството да пееш песна од еден голем човек во музиката е одговорност. Па во првата изведба направив еден многу мал неприметлив фалш и се чувствував како Тоше да ми се лути. Дека секој неможе да ги пее неговите песни. На втората изведба не направив ниту еден фалш и тоа како да ми ја исчисти и ослободи душата. Незнам како да објаснам, но неговата песна ја испеав со огрома болка, со сета емоција, како да пејам за него, не и за публиката. Чувството е како Тоше да те гледа од некаде и Ти несмееш да погрешиш никако. Така некако се чувствував со преголема љубов до небото кон него, што не сум ја почувствувала за ниедна песна досега.
Уште на 11 години освои награда во силна интернационална конкуренција – дали тоа ти даде дополнителна мотивација?
Многупати сум помислила дека музиката е тежок пат ако сакаш да бидеш професионалец, понекогаш има и нефер работи, и кога си дете имаш желба, но чувствуваш тешкотија со сите обврски кон училиштето и кон други активности. Но, првиот мој настап на „WАФ Цонтест“ ми даде крилја да летам. Посебно што стручното жири и лично ми честиташе како млад интерпретор да продолжам со музиката. Кога е некој од жирито и кога е од странство ви честита и те пофалува продолжуваш понатаму. Посебно што на овој натпревар има учесници од 15-на држави, а ти си во најдобрите во категорија по години. Овие интернационални натпревари ми се како мерило дали да останам во музиката, или, да се насочам во медицината. Сите овие настапи и награди некако ми се потврда дека јас припаѓам во музиката, односно мојот пат да го трасирам со наобразба во средното музичко училиште во Битола. Но, ова морам самата да си го потврдам, зашто во музиката неможе да се импровизира, и секој неможе да пее. Затоа уште си се преиспитувам.
Кој музички стил најмногу те привлекува и во кој правец се гледаш во иднина?
Ја изучувам класичната музика и тоа е голем предизвик за мене. Ја слушам, ја изучувам со моите професори во музичкото училиште и се чувствувам одлично. Од забавната музика најмногу ме привлекува поп музиката, но исто сакам и рок музика, а хеви металот го сметам музички врв. Но, најмногу ми лежи на мојот глас поп музика. Па, рано е за иднина, најмногу сакам да кажат моите професори каде припаѓам. Јас сеуште неможам да се пронајдам. Од музички стил, сакам само квалитетна музика и одлично пеење. Сакам да учествувам и на некои натпревари надвор од државава како во Загреб и други, но сето тоа кошта пари кои моите родители неможат да си дозволат. Понекогаш и иднината е поврзана со пари, па рано е за иднина. Сега сакам само да пејам и да бидам помеѓу првите.
Како изгледа еден твој ден кога се подготвуваш за настап или натпревар?
Па тој ден морам подолго да спијам и да одморам. Го одморам тој ден гласот, но и претходниот воопшто не вежбам, освен распејување пред натпревар. Се чувствувам среќно, но и одговорно и при крајот правам хаос во детската соба, ако настапот е во Прилеп. Ако настапот е надвор во друг град или држава малку е порелаксирано дома, зашто претходно се е спакувано од мајка ми. Но, затоа пак на натпреварувачките фестивали се прават претходни сценски проби, тука се губи многу време во тонски проби, излегувања на сцена. Потоа доаѓа натпреварот кога веќе си уморен од чекање, па гардероба за проба, гардероба за сцена. Незнам како, но знам дека е мал хаос. И тоа го чувствувам како товар до пред да излезам на сцена. И тука се завршува, на сцена сум, и почнува некоја мала трема. Но, кога си сигурен во себе, таа исчезнува полека. По настапот само издивнуваш и си велиш е фала Ти Господе конечно заврши! Ма лудило хаххахах!
Кои се твоите следни музички предизвици и планови, особено со учеството на меѓународни натпревари?
Многу ми беше драго што лани со музичкото училиште учевствував на Меѓународниот натпревар по соло пеење „Никола Цвејиќ“ во Рума и освоив трето место во силна конкуренција. Сакам и годинава да имам некој таков натпревар , па верувам дека со мојата наставничка Леонарда ќе имаме време да се подготвиме и да учествуваме некаде. Во забавната музика има голем број на напреварувачки шоуа каде сакам да учествувам, но кажав од финасиски причини сега е тоа што е. Инаку сакам да застанам на сцената на „Мак фест“. Мајка ми вели рано е мала си, јас велам дека можам. Мене ако ме прашате јас сакам да учествувам секаде, но мајка ми вели дека со полека се бидува. Таа некако како да сака да ме заштити од сите стресови кои ги доживувам, па често вели ај немораш и таму. Но, јас да можам секаде би учествувала, иако ова е стресно на овие години. Но, и она што го велат моите професори гласот на мои години мора да се штеди. Па прво здравје, а натпревари и фестивали секогаш ќе има.
Да не испуштиме да спомнеме и за музичките проекти во кои си вокален солист, или хорист во ООУ,, Климент Охридски’’, под водство на професорот Маја Џопа.
Па досега имаме снимено 5 видео музички нумери, од кои во два сум вокален солист, и ова е одличен проект кој го раководи мојот директор Ахил Јаков. Прекрасно е чувството да се работи со соучениците, а посебно со бабите од Здружението, „Преродба“, со кои заедно ги работиме овие проекти. И убаво се забавуваме и одлично ги извежбуваме, но сепак и ова ми одзема време, па за сметка за мојата музика трпи математиката и по малку физиката хахаххах. Посебно ми е драго што професорите ми даваат шанса да настапувам како вокален солист и на патрониот празник на училиштето. Тогаш се чувствувам убаво зашто пејам за моите наставници и соучениците. Тогаш сум полна љубов, и ми иди понекогаш да извикам како Тоше –„Сите ве сакам“. Заборавив да кажам дека музиката те прави да го сакаш целиот свет. Кога си полн со љубов таа мора да се изрази преку музиката.
Што би им порачала на децата кои имаат талент, но се двоумат дали да започнат со музика?
Да не се двоумат и да се запишат во музичкото училиште, но да посетуваат и приватно. Дома музика неможе да се научи, освен ако имаш родител музичар, што не е случај со мене. Но не и да го претрпат она што јас го доживеав на моите 6- 7 години, доживеав шок. Јас отидов да се запишам на пијано, зашто соло се изучува од седмо одделение, и тоа за мене беше доцна. Иако имаше тројца млади професори нешто отпеав, нешто истактирав, па ги почувствував дирките на пијаното, една од наставниците ми рече ајде Михаела се гледаме наесен. Наесен кога појдовме со мајка ми на првиот час јас не бев на списокот. И тој ден нема никогаш да го заборавам каков удар беше тоа за мене. По некој ден мајка ми рече дека се направила грешка, но јас не верувам во грешки. Што би им препорачала на децата?! Да бидат упорни и да имаат некој до нив како моите родители кои кога емотивно паѓам или сум се повредувала, или навредила да ме исправат пак на нозе.
Некои од наградите на Михаела:
„WAF CONTEST“ – Скопје 2023 – 2 место; 2024 – 1 место, 2025 – 2 место
Фестивал на музички таленти од основното и средното образование одржан во Битола 2024 Општински натпревар 1 место, Регионален натпревар 1 место, Државен натпревар 1 место
Меѓународен натпревар „Сергеј Михајлов”” во Штип. 2 место И А категорија
Меѓународниот напревар во соло пеење „Никола Цвеиќ“- Рума. Србија 2024- 3 место
Фестивал на музички таленти од основното и средното образование одржан во Скопје 2025 Државен натпревар- 1 место
Натпревар по музика во категориіата „вокални интерпретатори” од Основните училишта 2024 Прилеп, Регионален натпревар- 1 место Државен натпревар- 1 место.
Натпревар по музика во категориіата „вокални интерпретатори” од Основните училишта 2025 Свети Николе, Регионален натпревар- 1 место, Државен натпревар- 2 место
Признание од ООМУ,,Ордан Михајлоски-Оцка” за висок успех, постигнат на државно и интернационално ниво во 2024 и 2025 година.























