ПРИЛЕПСКИ УМЕТНИЦИ – ТРАГИ ШТО ОСТАНУВААТ, ВАСИЛ КОСТОВ – ТИВОК И ИСТРАЕН ЛИКОВЕН РАКОПИС

Сподели на социјалните мрежи

ПРИЛЕПСКИ УМЕТНИЦИ – ТРАГИ ШТО ОСТАНУВААТ
Со овој текст започнуваме серија прилози посветени на прилепските уметници кои со своето творештво оставиле длабок и траен белег во македонската ликовна уметност, а денес не се повеќе меѓу нас. Преку овие текстови ќе се навратиме на нивниот уметнички пат, делата и значењето што го имаат за културната меморија на градот и пошироко.
ВАСИЛ КОСТОВ – ТИВОК И ИСТРАЕН ЛИКОВЕН РАКОПИС
Васил Костов (1939 -2023) припаѓа на генерацијата македонски ликовни уметници чиј творечки пат се одвива во долга и континуирана линија, обележана со упорност, самосвојност и доследност на личниот ликовен јазик. Роден во селото Ранци, Грција, неговиот животен и творечки пат е длабоко впишан во историските и личните искуства што ќе станат трајна инспирација во неговото сликарство.
По завршувањето на Школата за применета уметност во Скопје во 1960 година, Костов се вклучува активно во културниот живот во Македонија. Од истата година па сѐ до пензионирањето во 2001 година работи како сценограф во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, оставајќи значаен печат и во театарската уметност. Од 1966 година е член на ДЛУМ, а неговиот професионален развој го надградува преку студиски престои во Париз, Венеција, Москва и Варшава.
Во текот на повеќе од пет децении активна уметничка дејност, Васил Костов суверено го гради својот ликовен ракопис. Се изразува на речиси сите ликовни полиња – масло на платно, акварел, гваш, цртеж со молив и јаглен, туш, графика, па дури и експерименти со нетипични материјали. Масленото сликарство, особено во поголем формат, останува негов доминантен медиум, во кој се препознава стремежот кон хармонија, јасна организација на формата, чисти и сигурни потези и прецизно изграден тоналитет.
Ретроспективните согледувања на неговото творештво откриваат една интимна и лична хроника на мотиви што се повторуваат и развиваат низ времето: каменот, природата, мртвата природа, објектите и пределот. Во тие тематски јадра Костов постојано бара рамнотежа меѓу формата, идејата, композицијата и нарацијата, создавајќи слики во кои доминира внатрешна смиреност и созреана ликовна мисла. Делата во пастел и јаглен, честопати, функционираат како подготвителни или истражувачки фази за неговите маслени платна, сведочејќи за дисциплиниран и промислен творечки процес.
Посебно место во неговиот опус зазема доцниот циклус „Сеќавање“, создаван во последните години од животот. Во овој период Костов се навраќа кон сопственото детство и трауматските искуства како бегалец од Егејска Македонија во периодот од 1945 до 1952 година. Преку едноставен, но исклучително моќен ликовен пристап, уметникот ги сублимира личните доживувања, страдањата, чувството на загуба, талкање и безнадежност. Сликите од овој циклус се исполнети со силна емоционална набиеност и сведочат за едно време полно со тага и неправда, но и за потребата уметноста да биде простор на меморија и внатрешно прочистување.
Васил Костов има реализирано бројни самостојни (19) и групни изложби (23) во земјата и во странство, учествувал на повеќе ликовни колонии и е добитник на значајни награди за сликарство, цртеж и сценографија, како и наградата на град Прилеп. Неговиот опус претставува вредно сведоштво за еден истраен уметнички пат, во кој личната историја, ликовната дисциплина и длабоката човечка чувствителност се спојуваат во препознатливо и автентично творештво.
Со своето дело, Васил Костов остави трајна трага во македонската современа уметност – како сликар, сценограф и сведок на времето, чие творештво и денес продолжува да говори со тивка, но силна уметничка искреност.
Во прилог некои од неговите дела:


Сподели на социјалните мрежи