ЗАПОЧНА „ПРИЛЕПСКАТА ПРАЗНИЧНА ПРИКАЗНА“ – ОСУМ ДЕНА НОВОГОДИШНА МАГИЈА ВО СРЦЕТО НА ГРАДОТ

Сподели на социјалните мрежи

Прилеп вчера блесна во празнична атмосфера и официјално започна „Прилепската празнична приказна“ – осумдневната новогодишна прослава што го исполнува Градскиот плоштад „Методија Андонов – Ченто“ со светлина, музика, радост и заедништво. Првата вечер донесе одлична забава, магична декорација и илјадници насмевки, најавувајќи празнични денови исполнети со богата програма за сите генерации.
Празнична програма започна со забава за најмладите, во која учествуваа маскоти, новогодишно џуџе и мече, создавајќи весела и топла празнична атмосфера. Свеченото отворање го означи обраќањето на градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, по што следуваше одличен музички настап на прилепскиот бенд The Hounds, како и диџеј настапи кои ја задржаа празничната енергија на плоштадот.
Новогодишната прослава ќе трае од 24 декември 2025 до 1 јануари 2026 година, период во кој централниот плоштад ќе биде место за Новогодишен базар и разновидна културно-забавна програма. Базарот и програмските содржини ќе бидат отворени секој работен ден од 17:00 до 21:00 часот, а за време на викендите посетителите ќе можат да уживаат во целодневна програма.
Во рамки на реализацијата на „Прилепската празнична приказна“, коорганизатор на настанот е прилепската Прехрамбена индустрија „Витаминка“, која наредната година одбележува 70 години од своето успешно постоење, и активно учествува во организацијата на Новогодишниот базар и програмските содржини.
Програма за 25.12.2025 година
Празничната магија продолжува денес, 25 декември 2025 година, со диџеј забава со новогодишна музика, дружење и можност за фотографирање со Дедо Мраз, како и со посебен музички настан – настап на Битолскиот камерен оркестар „Дива“, кој ќе внесе елегантна и свечена нота во празничната атмосфера.
„Прилепската празнична приказна“ и во наредните денови носи музика, радост и дружење, претворајќи го градот во вистинска празнична сцена и повикувајќи ги сите граѓани и посетители да бидат дел од новогодишната магија во Прилеп.


Сподели на социјалните мрежи