„150 години Тутунски Комбинат Прилеп 1873-2023“ е најновото дело на прилепскиот автор Љубен Попоски кое деновиве излезе од печат во издание на „Друштвото за наука и уметност“ – Прилеп. Со ова дело македонската јавност добива сведоштво за развојот на тутунската индустрија во земјата. Делото претставува документарен приказ на историјата и значењето на тутунот, култура што со децении е двигател на економскиот и општествениот живот особено во градот Прилеп. Во книгата може да се најдат информации за типови и сорти тутун во регионот на Прилеп, за начинот на одгледување на истиот, но посебно за развојот на „Тутунскиот комбинат“ – Прилеп.
Љубен Попоски е стопанственик и научник кој години работел и во „Институтот за тутун“. Во научно – стручната работа има издадено 80 научно – стручни трудови. Предмет на неговата научно – истражувачка работа е тутунското стопанство во сите фази на репродукцијата. За оваа проблематика има издадено десетина книги. Добитник е на повеќе награди и признанија за научно-истражувачката работа, за развојот на стопанството, награда на град Прилеп, а има и плакета за почесен претседател на ДНУ – Прилеп.














