„Прилепската празнична приказна“ продолжува да го разубавува градот со празнична атмосфера, музика и заедништво. Втората вечер од новогодишната прослава помина во одлична атмосфера и голема посетеност, а посебен впечаток остави настапот на Битолскиот камерен оркестар „Дива“, кој со својата елегантна изведба и внимателно избран репертоар внесе свечена и уметничка нота во празничната вечер и ја воодушеви прилепската публика.
Празничната програма и втората вечер понуди содржини за сите генерации, со музика, дружење и топла празнична атмосфера на Градскиот плоштад „Методија Андонов – Ченто“, кој и овојпат беше исполнет со бројни посетители.
Празничната магија продолжува и денес, со програмата за третиот ден, која ќе се одвива во периодот од 17:00 до 21:00 часот. Посетителите ќе можат да уживаат во настапи на децата од градинките при ЈОУДГ „Наша иднина“, музичка забава со DJ Old School Selector, како и во настапот на македонската музичка ѕвезда Владо Јанески, кој се очекува да ја заокружи вечерта со неговите безвременски хитови.
„Прилепската празнична приказна“ и во наредните денови продолжува да носи радост, музика и празнична атмосфера, претворајќи го центарот на Прилеп во вистинска новогодишна сцена и поканувајќи ги сите граѓани и посетители да бидат дел од заедничката празнична приказна. Осумдневната „Прилепската празнична приказна“, ја организира Општина Прилеп, а коорганизатор – покровител е Прехрамбената индустрија „Витаминка“.














