ГРАДСКАТА БИБЛИОТЕКА „БОРКА ТАЛЕСКИ“ – ПРИЛЕП ОДБЕЛЕЖА 80 ГОДИНИ УСПЕШЕН КОНТИНУИТЕТ

Сподели на социјалните мрежи

Со свечена академија, низа културни активности и доделување благодарници, Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп ги заокружи чествувањата по повод значајниот јубилеј – 80 години успешен континуитет во својата работа.
Свечениот настан се одржа во големата сала на библиотеката, каде што беа доделени благодарници на Градоначалникот и Советот на Општина Прилеп, на бројни соработници – институции, донатори, партнери и пријатели на библиотеката, како и на поранешни директори на установата. Постхумно беа врачени и јубилејни благодарници на поранешни директори кои не се меѓу нас, во присуство на членовите на нивните семејства.
Директорката на библиотеката, Андриана Ристеска, во своето обраќање се осврна на историскиот развој и континуитетот на установата, нагласувајќи ги заложбите за нејзин натамошен развој во сите сегменти – набавка на современа литература, збогатување на фондовите, интензивирање на соработката со училиштата и работа со различни целни групи.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, со посебен пиетет го честиташе јубилејот на раководството и на сите генерации вработени кои низ децениите придонеле за развојот и опстојот на библиотеката, истакнувајќи ја нејзината улога како значаен културен центар во градот и најавувајќи континуирана поддршка за реализација на развојни програми и проекти.
Свечената академија беше збогатена со културно-уметничка програма: македонската химна ја изведе дипломираниот оперски пејач Илија Белистојаноски, а Дуо Волчело, во состав Андријана Дукоска (виолончело) и Илија Волчески (саксофон), изведоа повеќе музички нумери. Конферансие на настанот беше м-р Моника Талеска, библиотекар.
Во рамки на завршниот јубилеен настан, библиотеката за јавноста ги отвори и сите свои изложбени поставки: изложба на ретки книги, изложба од издавачката дејност на библиотеката, трајна уметничка поставка со дела од прилепски автори, збогатена со бистата на Коле Чашуле (донација од Јелена Лужина) и дела од скулпторот Митко Филипоски, трајна поставка со каширани фотографии на прилепски занаетчии, како и изложба на реквизити од старите занаети.
Во текот на целата година, Градската библиотека „Борка Талески“ реализираше бројни активности по повод јубилејот: доделување благодарници и дипломи за најдобрите ученици и нивните ментори во традиционалните конкурси за најдобар рецитатор, најдобра лична творба и најдобар краснопис, средба со членовите на Клубот на литературни творци од Прилеп, изложба на зборникот „Поетско Маркукуле“ и промоција на Зборник со песни од прилепски автори.
Беше одржано и сеќавање на патронот Борка Талески, со полагање свежо цвеќе пред бистата во библиотеката, во Алејата на народните херои и во месноста Чашка – местото каде во 1942 година загинаа Борка Талески и Лазо Филипоски – Лавски, како и изложба на дела посветени на народниот херој и историско излагање на Горјан Василески.
Градската библиотека „Борка Талески“, која претставува континуитет на првото прилепско читалиште „Надежда“ од 1867 година, денес располага со над 130.000 библиотечни единици, вредни роднокрајни збирки, стари и ретки книги, трајни уметнички и етнолошки поставки. Библиотеката има околу 4.000 редовни и над 10.000 пасивни членови, и останува еден од најзначајните културни столбови на градот.
Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп


Сподели на социјалните мрежи