ИЗЛОЖБАТА „БАЛКАНСКИОТ ЈУНАК МАРКО“ ОТВОРЕНА ВО ЛИКОВНАТА ГАЛЕРИЈА – ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Синоќа во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп беше отворена изложбата „Балканскиот jунак Марко“, во организација на НУ Завод и Музеј – Прилеп. Оваа изложба е дел од Програмата за остварување на националниот интерес во областа на културата на Министерството за култура и туризам за 2025 година.
На отворањето пред полниот салон зборуваа воведничарот Каролина Мицевска, директорката на НУ Завод и Музеј – Прилеп Мимоза Христоска, промоторот Слободан Беличански и авторот на изложбата Рубинчо Белчески, историчар, кустос советник. Дизајнот на изложбата и каталогот е авторско дело на Биљана Темелкоска.
Изложбата е составена од 16 платна кои го прикажуваат Кралот Марко, неговиот живот и сè она што е запишано за него низ историјата и литературата.
Посетителите можат да видат две фрески – една од манастирот Св. „Архангел Михаил“ во Варош, Прилеп, и друга од „Марков манастир“ во село Маркова Сушица, скопско на кој е прикажан Кралот Марко. На некои од платна се претставени интерпретации од македонски автори, а на останатите платна тој е претставен како историска личност, но истовремено најпознат јунак на епското народно творештво, не само кај Македонците, туку и кај другите народи на Балканот. Изложбата ја претставува неговата големина преку записи, литература, фрескоживопис, натписи, топоними, музејски експонати и други форми на културно и историско сведоштво.
Посетителите се поканети да ја разгледаат изложбата и да се запознаат со богатата приказна на Балканскиот jунак Марко, неговата улога во историјата и влијанието кое го оставил на културното наследство на Балканот.


Сподели на социјалните мрежи