Во понеделник, 29 декември, во Кафе-галерија „Лувр“ со почеток во 18.00 часот ќе се одржи поетско-музичкиот настан „Одаде и отаде“.
Вечерта, замислена како македонско-полска поетско-музичка средба, ќе биде посветена на пеената поезија, со цел да се доближи значењето на оваа форма што ги поврзува музиката и поезијата, поставувајќи паралели меѓу ваквата традиција во Македонија и во Полска.
Во рамките на вечерта ќе бидат прочитани и изведени песни од македонски и полски автори, како што се: Ацо Караманов, Анте Поповски, Блаже Конески, Христо Крстевски, Петре М. Андреевски, Вислава Шимборска, Кшиштоф Камил Бачињски, Марија Павликовска-Јасножевска, Јулијан Тувим, Кажимјеж Пшерва-Тетмајер.
Целта на настанот, пред сѐ, е да се приближи поезијата до пошироката публика и да се промовира традицијата на пеената поезија.
Настанот е поддржан од Општина Прилеп, а е во организација на „Ма продукција“.














