Третата вечер од манифестацијата „Прилепска празнична приказна“ помина во исклучително весела и празнична атмосфера, со голема посетеност. Во периодот од 17:00 до 21:00 часот, Градскиот плоштад „Методија Андонов – Ченто“ беше исполнет со бројни граѓани и посетители кои уживаа во богатата програма и празничниот базар.
Публиката имаше можност да ги проследи настапите на децата од градинките при ЈОУДГ „Наша иднина“, кои со својата искреност и радост внесоа посебна топлина во вечерта. Забавата продолжи со DJ Old School Selector, а кулминација на вечерта беше настапот на македонската музичка ѕвезда Владо Јанески. Со неговите безвременски хитови, Јанески создаде силна емоција и одлична интеракција со публиката, оставајќи впечаток на уште една незаборавна празнична вечер.
„Прилепската празнична приказна“ продолжува и денес со програмата за четвртиот ден, која носи содржини за сите генерации. Настаните започнуваат во 11:00 часот, кога најмладите од ЈОУДГ „Наша иднина“ ќе ја подарат својата празнична магија. Во 12:00 часот следува Детскиот фестивал „Весели ѕвончиња“ и пристигнувањето на Дедо Мраз, во 13:30 часот ќе настапи The Doctors, во 17:00 часот Јана Мрческа, во 18:00 часот Пајак, а вечерта ќе заврши со музичка забава со DJ Robbie Ray во 19:30 часот.
Осумдневната манифестација „Прилепска празнична приказна“ ја организира Општина Прилеп, а коорганизатор – покровител е Прехрамбената индустрија „Витаминка“, која значајно придонесува во организацијата на празничниот базар и забавната програма.














