Во НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп денеска официјално беше промовирана новата музичка соба, проект реализиран со поддршка на Општина Прилеп, Младински совет – Прилеп и самата културна установа. Просторот е наменет за проби и развој на младите музички бендови и вокалисти од градот. На промоцијата на музичката соба присуствуваа младите музичари кои ќе ја користат музичката соба.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека овој проект претставува значаен чекор во насока на системска грижа за младите и нивниот креативен потенцијал.
„На мое огромно задоволство, денес ја промовираме музичката соба – проект во кој Општина Прилеп учествуваше заедно со Младинскиот совет и Центарот за култура „Марко Цепенков“. Ова е јасна порака дека локалната самоуправа, невладиниот сектор и институциите заедно работат за доброто на младите. Целта е младите да ги подготвиме како квалитетни музичари и да ги претставиме пред јавноста како идни амбасадори на прилепската музичка сцена – не само во Македонија, туку и пошироко “, изјави Проданоски.
Градоначалникот информира дека Општината, ги поддржува младите музичари и бендови преку нивно вклучување во „Прилепска празнична приказна“, каде што сите заинтересирани бендови добиле можност за настап на градскиот плоштад во пресрет на Нова година.
Претставникот на Младинскиот совет на Прилеп, Зоран Илиески, кажа дека иницијативата за отворање на музичката соба произлегла директно од комуникацијата со младите. Просторот бил опремен со соодветна техничка опрема и акустична изолација, а ќе бил бесплатен за користење на младите музичари во наредните пет години. Во моментов, музичката соба ќе ја користеле пет музички бендови и околу 20 вокалисти, но имало можност за зголемување на бројот на групи и вокалисти кои би ја користеле музичката соба.
„Младите укажаа на реален проблем – каде да вежбаат музичките бендови без да создаваат бучава и проблеми со соседите. Заедно со Општината и Центарот за култура најдовме практично решение и потпишавме трипартитен договор, кој може да биде пример и за други општини. Благодарност до донаторите, до Цивика мобилитас, програма која е отворена за вакви граѓански иницијативи“, изјави Илиески.
„Центарот за култура „Марко Цепенков“ и понатаму ќе биде отворена за соработка и за иницијативи кои подразбираат развој на културата и културниот живот во Прилеп“, рече директорката Марија Попова Јованоска. Во однос на прашањето, како ќе биде распоредот за користење на оваа соба, таа кажа дека претходно ќе направеле средба со сите музички групи, музичари кои сакаат и кои се заинтересирани да ја користат оваа соба, потоа ќе направеле неделни и месечни планови за работа во согласност со нивната програма и тие би ги објавувале на веб страната на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп за сите да имаат увид кога се тие проби на музичарите.
Бендовите кои ќе ја користат музичката соба беа тука и не го криеа задоволството за можност од проби во простор каде нема да му пречат на никого.




















