ОДРЖАНА ЧИТАЧКА ПРОМОЦИЈА НА ВТОРИОТ БРОЈ НА СПИСАНИЕТО „СТРЕМЕЖ“ ЗА 2025 ГОДИНА

Сподели на социјалните мрежи

Вчера се одржа читачка промоција на вториот број на списанието „Стремеж“ во 2025 – списание за литература, уметност и култура, кое оваа година одбележува 71 година од своето постоење.
На промоцијата учество зедоа Александар Еленин, главен уредник на „Стремеж“, Давид Стојаноски, уредник на списанието, како и актерот Игор Трпчески и младите актерски ентузијасти Бисера Гаралоска, Петар Јошески и Благојче Талески.
Преку читања од содржините на новиот број, присутните имаа можност да се запознаат со поетски, прозни и драмски текстови од домашни и странски автори. Беа читани песни од Бранислав Николов, Сергеј Есенин, Георги Господинов, Петар Чухов, Марина Мијаковска, Тасос Ливадитис и Марија Полидури, како и извадок од драмата „Чудесен лек“ од Коста Бојчески и расказот „Пусто незгодно“ од Ѓоко Здравески.
Читачката промоција помина во духот на живата интерпретација на литературниот текст, во опуштена, пријателска атмосфера, потврдувајќи ја улогата на „Стремеж“ како значајна платформа за современата книжевна и културна сцена.
Што носи „Стремеж“, број 2 (2025):
• Коста Бојчески – „Чудесен лек“ (драма, целосна верзија)
• Јанис Кесаридис – „Сотирис и Маријанти“ (расказ, превод од грчки: Марија Думба)
• Ѓоко Здравески – кратки раскази (избор)
• Георги Господинов – избор песни од збирката „Таму каде што не сум бил“ (препев: Никола Маџиров)
• Бранислав Николов – песни (избор)
• Петар Чухов – „Безопасни игли“ (хаику, избор и препев: Владимир Мартиновски)
• Избор песни од пет грчки поети/поетеси (Јанис Рицос, Тасос Ливадитис, Марија Полидури, Торис Никифору, Катерина Гогу) – препев: Сотирис Минас
• Марина Мијаковска – песни (избор)
• Сергеј Есенин – пет песни и пригодна белешка по повод 130 години од раѓањето и 100 години од смртта (препев и текст: Елена Карпузовска)
• Разговор на Иван Антоновски со Сотирис Минас
• Александра Огнаноска – „Кон творештвото на вечниот оптимист Билјана Црвенковска“
• Љупчо Михајлоски – „Хармонично многугласие: интермедијално патување низ географијата и емоциите“ (рецензија)
• Роберт Конески – „Христијанско-етичките аспекти на циклусот ‘Проложни_житија’ на Блаже Конески“
• Огист Роден – „Аманет“ (до уметниците), превод: Александар Еленин


Сподели на социјалните мрежи