Со свечена промоција на монографијата „Од артефакт до идентитет – седум децении културна меморија“, денес НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп го заокружи одбележувањето на значајниот јубилеј – 70 години од своето основање и континуирана работа во областа на заштитата, истражувањето и презентацијата на културното наследство.
На настанот се обрати директорката на установата, Мимоза Христоска, која истакна дека ова не е само промоција на една публикација, туку прослава на еден долг и посветен пат, изграден од генерации вработени, истражувачи и културни работници.
„Постојат јубилеи што се одбележуваат со бројки, и јубилеи што се чувствуваат. Овој, денешниот, припаѓа токму на јубилеј кој се чувствува“, нагласи Христоска во своето обраќање.
Таа потсети и на почетоците на институцијата, основана во 1955 година од д-р Бошко Бабиќ, првиот директор и визионер кој ги поставил темелите на Народниот музеј во Прилеп, оставајќи трајна трага во развојот на музејската и заштитната дејност во градот и пошироко.
Монографијата, преку богат архивски, музејски и библиотечен материјал, го прикажува развојот на Музејот низ децениите, покажувајќи како артефактите, збирките и документацијата прераснуваат во носители на културна меморија и идентитет. Како што беше истакнато, Музејот не е само чувар на минатото, туку активен културен чинител во сегашноста, со јасна одговорност кон иднината.
Христоска упати посебна благодарност до целиот колектив, нагласувајќи дека монографијата е резултат на заеднички труд, знаење и професионална посветеност, а јавно ги издвои библиотекарот советник Билјана Темелкоска и вишиот кустос Паре Заревска за нивниот исклучителен ангажман во подготовката на изданието.
Публикацијата, која опфаќа три книги, е реализирана со поддршка на Министерството за култура и туризам, а покрај печатеното издание, подготвена е и во дигитална форма, со цел културното наследство да биде подостапно за јавноста и идните генерации.
„Она што го наследуваме од минатото, не го чуваме само за себе, туку го предаваме како обврска на идните генерации“, порача директорката Христоска, заокружувајќи ја пораката на промоцијата.
Со оваа промоција, НУ Завод и Музеј – Прилеп уште еднаш ја потврди својата мисија – да истражува, заштитува и презентира културно наследство, градејќи континуитет меѓу минатото, сегашноста и иднината.




















