ИГОР ТРПЧЕСКИ КАКО РЕЖИСЕР И АКТЕР ВО МОНОДРАМАТА „ЛИДИЈА ИЛИ СÈ ШТО ЗНАМ ЗА ЖЕНИТЕ“ ВО ВИНИЦА

Сподели на социјалните мрежи

На 30-ти декември, во Домот на култура „Тошо Арсов“ во Виница, публиката имаше можност да ја проследи монодрамата „Лидија или сè што знам за жените“ од Тихомир Јанчовски, во адаптација и режија на Игор Трпчески.
Претставата е во продукција на Театарска работилница Прилеп, со музика на Тони Миќевиќ, сценографија и костимографија на Бојана Артиновска, додека за тонот и светлото беше задолжен Томе Темелкоски.
Станува збор за документарна и автобиографска театарска приказна, работена според истоимениот поетски роман на авторот Тихомир Јанчовски. Во фокусот е ликот на Лидија – музата на авторот, чија интимна комуникација и настани од еден краток, но значаен период од животот, Јанчовски ги обликува во книжевна форма, а Игор Трпчески ги преточува во сценско дело.
Монодрамата се изведува еднаш годишно, а досега има гостувано во повеќе градови и држави: Прилеп (2019), Кочани (2020), Битола (2021), Скопје (2022), Пустец, Албанија (2023), Ниш, Србија (2024), а оваа година и во Виница.
Со својата интимност, поетска нарација и сценска минималност, „Лидија или сè што знам за жените“ продолжува да живее како искрено и длабоко лично театарско сведоштво, кое секоја година наоѓа нова публика и нов простор за дијалог.


Сподели на социјалните мрежи