Младата танчерка од Прилеп со големи соништа, дисциплина и љубов кон сцената.
Јана Јованоска е ученичка во осмо одделение во ОУ „Кире Гаврилоски“ во Прилеп и има 13 години. Таа е енергично и темпераментно девојче кое од мали нозе покажува интерес за музиката, танцот и спортот, а последните две години е посветенa на хип хоп танцот.
Како член на студиото „Брејк а лег“ од Прилеп, Јана редовно тренира, самостојно вежба дома и за време на викендите посетува индивидуални часови во студиото „Брејк а лег“ во Скопје со тренерот Андријана. Таа се натпреварува во категоријата јуниори 1, како во групни така и во соло настапи, и зад себе има бројни домашни и меѓународни натпревари со освоени награди и признанија. Нејзиниот најголем сон е еден ден да стане европски и светски првак во хип хоп.
Како би се опишала себеси со три збора?
Амбициозна, искрена и позитивна.
Кога и како започна твојата љубов кон танцот и хип хопот?
Танцувам уште од многу мала, а хип хопот беше љубов на прв поглед. Веднаш почувствував дека тоа е стилот што најмногу ми одговара.
Што те привлече најмногу кај хип хоп танцот?
Ми се допаѓа стилот на музиката, енергијата и адреналинот што ги носи, а и затоа што целосно одговара на мојот карактер.
Како изгледа еден твој вообичаен ден кога имаш тренинзи?
Откако ќе ги завршам училишните обврски, одам на редовен тренинг во студиото „Брејк а лег“ во Прилеп, а потоа продолжувам со вежбање и дома.
Колку време дневно вежбаш дома и што ти е најтешко кога тренираш сама?
Дома вежбам околу еден час. Никогаш не ми е тешко, затоа што уживам кога танцувам.
Како изгледаат викенд-тренинзите во Скопје и што најмногу учиш од индивидуалните часови со тренерот Андријана?
Пред се, морам да кажам дека многу сум благодарна на мојот тренер Андријана што препозна талент во мене. Секој тренинг во Скопје е различен – работиме на техника, движења со раце и нозе и контрола на телото.
Се натпреваруваш и групно и соло – што ти е поголем предизвик и зошто?
Поголем предизвик ми е соло настапот, затоа што тогаш сум сама на сцена и имам поголема одговорност, а настапувам на музика што ја добиваме во моментот.
По што се разликува подготовката за соло настап од подготовката за групен танц?
За групен настап имаме подготвена кореографија и музика, додека за соло настап се игра на музика што ни ја пуштаат на самото натпреварување.
Кога си сама на сцена, што ти поминува низ глава?
Имам мала, позитивна трема, но таа исчезнува кога ќе излезам на сцена. Потоа се препуштам на музиката и давам сè од себе.
На кој натпревар најмногу се сеќаваш и зошто?
Секој натпревар ми е важен бидејќи од секој учам нешто ново, но посебно ми остана во сеќавање мојот прв настап на Светското првенство во Љубљана.
Како се чувствуваш кога ќе освоиш награда, а како кога резултатот не е како што си очекувала?
Наградите ми се голема мотивација и ми даваат самодоверба, но и кога резултатот не е како што сум очекувала, продолжувам да тренирам и да верувам во себе.
Што мислиш дека си научила за себе преку натпреварите?
Научив да бидам борбена, да верувам во себе и дека само со голема љубов и труд се постигнуваат добри резултати.
Кој најмногу те поддржува во твојата танцова приказна?
Најголема поддршка имам од моите родители, од мојот тренер за соло часови Андријана Петковски од „Брејк а лег“ – Скопје и од мојот тренер од Прилеп, Магдалена Еленоска.
Колку е важна поддршката од семејството, тренерите и другарите?
Многу е важна, бидејќи покрај физичката подготвеност, голема улога има и психичката поддршка.
Што те мотивира да продолжиш и кога си уморна или имаш тежок ден?
И кога сум уморна или имам тежок ден, секогаш имам енергија и желба да танцувам.
Твојата желба е да станеш европски и светски првак – како го замислуваш тој момент?
Желба и сон на секој танчер е да стане светски првак и мислам дека тој момент и тоа чувство не се опишува со зборови.
Каде се гледаш себеси за неколку години?
За ова прашање ќе оставам времето да покажи, моите соништа и желби се големи и можам само да ветам дека упорно ќе работам за да ги остварам.
Што би им порачала на децата и младите кои сакаат да танцуваат, но се плашат да го направат првиот чекор?
Да не се плашат и да веруваат во себе и во своите соништа. Кај нас во студиото, покрај дисциплината, има и многу дружба и поддршка.
Фото: Од албумот со фотографии од настапите на Јана Јованоска




















