ПЕТАР ПЕТРЕСКИ – ГЛАСОТ ШТО ГИ СПОЈУВА ПРИЛЕПСКИОТ ДУХ И СОВРЕМЕНАТА КНИЖЕВНОСТ

Сподели на социјалните мрежи

Писател, драмски автор и културен работник чие творештво ја истражува љубовта, идентитетот и моралните дилеми на современиот човек.
Петар Петрески е еден од оние автори чиј книжевен опус се движи низ повеќе жанрови, без да ја загуби сопствената поетика и препознатлив авторски глас. Роден во Прилеп, дипломиран правник и долгогодишен директор на Градската библиотека „Борка Талески“, Петрески со децении е активен учесник и двигател на културниот живот во својот град и пошироко.
Неговото творештво опфаќа поезија, раскази, романи и драмски текстови, во кои се испреплетуваат интимното, рефлексивното и општественото, често збогатени со хумор, фантастика и експериментален книжевен израз. Автор е на поетските збирки „Песни за темнината“, „Неморални бои“и „Експлозив во крвта“ , на збирката раскази „Чудесниот број три“, како и на романите „Светицата и разбирачот“ и „Безимениот“, кои се занимаваат со прашањата на моралот, љубовта и идентитетот во современото време.
Посебно место во неговиот опус зазема драмското творештво. Драмите „Трета мајка“ и „Песијазол“ беа поставени на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, додека монодрамата „Јас, Илија Димоски – Шаторо“ беше наградена на фестивалот на монодрамата во Корча, оставајќи силен впечаток кај публиката со својата автентичност и локален колорит.
Приредувач е на изборот на македонска современа љубовна и еротска поезија „Дланка непочинка“ и коприредувач на изборот „Македонскиот урбан расказ“
Петрески се занимава и со публицистика, а еден период беше уредник во списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Дел од неговото творештво е преведувано на бугарски и хрватски јазик, а за својот придонес во развојот и афирмацијата на културата е добитник на признанието „Урбан“. Во ова интервју, со Петар Петрески разговараме за книжевната инспирација, за улогата на литературата денес и за трајната врска меѓу авторот, градот и читателот.
Вашето творештво опфаќа поезија, раскази, романи, драми и публицистика. Во кој книжевен жанр најприродно се чувствувате и зошто?
Не можам децидно да одговорам на вашето прашање од причини што и јас не го знам одговорот! Имено, се зависи од моментот, од идејата што сакам да ја пласирам во книжевната орбита, како и од мојата проценка, преку кој книжевен жанр таа идеја може да се отелотвори во релевантен книжевен производ и, ако можам така да речам, да доживее „долго патување“. Кога веќе сум ја одбрал „рубата за невестата“, односно, сум го одбрал книжевниот жанр, тогаш во него се чувствувам, како што велите „најприродно“ и, би додал, најпријатно. Не велам дека кај други автори, најверојатно, не е поинаку.
Родени сте и творите во Прилеп – град со силна книжевна и културна традиција. На кој начин прилепскиот дух и локалниот колорит се присутни во Вашите дела?
Горд сум што сум роден во Прилеп, град со пребогата книжевна, ликовна и музичка традиција, со препознатлив културен вруток. За да бидам посликовит во одговорот, ќе кажам дека каменот најмногу тежи таму каде што лежи, а бидејќи моето име на старогрчки значи „камен“, јас најблагопријатно се чувствувам во мојот роден град и се трудам она што го пишувам да има локален колорит и препознатливи прилепски белези. Всушност, се што сум напишал е поврзано со Прилеп и околу Прилеп, дали по изборот на приказните кои ги обработувам, а кои имаат некој прилепски зародиш, дали по изборот, именувањето и описот на ликовите, дали по употребата на архаизми карактеристични за овој простор. Сето ова го сочинува моето „прилепско писмо“. Најголемите наши и светски писатели тргнувале од овој индуктивен пристап, од локалното да дојдат до општото. Да ги наведам само примерите на Прличев, Стале Попов, Петре М. Андреески, Маркес, Џојс, Андриќ и др. Јас скромно се обидувам да ја следам оваа традиција.
Поезијата во збирките „Песни за темнината“, „Неморални бои“ и „Експлозив во крвта“ е интимна, рефлексивна, но и со доза хумор. Како настанува еден Ваш стих – спонтано или низ долг процес на „филтрирање“?
Правилно забележувате дека во голем дел од она што сум го напишал е застапен хуморот, во помала мера во поезијата и во поголема мера во прозата. Според моето разбирање, хуморот во себе содржи незаобиколни елементи на трагичност. Со неговата експлицитна или имплицитна употреба во текстот се обидувам да ја потенцирам, да ја подвлечам таа трагична дага во човековата егзистецијална супстанца и со тоа да и дадам поднослива содржина и појавност. Инаку, потребата да напишам песна кај мене доаѓа спонтано (барем така си мислам), а тие „филтрирања“, како што велите во вашето прашање, веројатно се присутни и се случуваат на едно потсвесно ниво. Тој порив да се напише песна сигурно е поттикнат од надворешни и внатрешни јанѕи, но и од надворешни и внатрешни убавини!
Во романите „Светицата и разбирачот“ и „Безимениот“ се занимавате со прашања на моралот, идентитетот и егзистенцијалната криза на современиот човек. Дали романот Ви овозможува подлабоко истражување на овие теми отколку поезијата и драмата?
Романот е најтешката, но и најатрактивната книжевна форма. Просторот што тој го дава за размавнување на творечката фантазија е безграничен и може да се именува како книжевна вселена, ( овде може да се употреби еден убав израз што го практикувале нашите постари: „долга нива за орање“), а таа вселена е и бескрајна лабораторија во која алхемичарите на перото си се свои на своето! Но, таа бесконечност во тој простор (романот) е и опасен, оти, ако не внимаваш, може да те однесе кај „чавките нагости“, или поинаку кажано: да исткаеш ткаенина која нема да топли – книжевен ќорфишек! (сум го искусил јас тоа!)
„Безимениот“ е роман во кој сонот, реалноста, хуморот и фантастиката се испреплетуваат. Колку експериментот е важен за Вас како автор?
Според мое мислење (кое не е само мое) , експериментот му е иманентен на романот! Многу од романите во кои авторите барале и наоѓале нови патеки, нови методи и средства во раскажувачката постапка (експериментирале) претставувале своевидна пресвртница во книжевната историја. Тука мислам пред се, на „Дон Кихот“ од Сервантес, на циклусот романи „Во потрага по изгубеното време“ од Пруст, „Процес“ од Кафка, „Улис“ од Џемс Џојс, „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков, па се до „Сто години самотија“ од Маркес и неговиот магичен реализам, кој во специфичен облик, го среќаваме и во делата на Стале Попов, многу пред појавата на Маркес! Што се однесува до мојот книжевен експеримент, тој е присутен, со посмели обиди во расказите отколку можеби во романите. Убеден сум дека ништо не направил некој автор, ако неговиот „ракопис“, неговиот стил, се слични, дури идентични, со некоја претходна книжевна големина. Тоа може да биде успешна имитација, но никако оригинално дело, а ако нема оригинален производ, нема ништо, само празна лушпа од орев! Книжевниот експеримент помага во автентичноста на едно литературно дело, помалку или повеќе, во зависност од умешноста на неговиот автор.
Вашите драмски текстови „Трета мајка“ и „Песијазол“, како и монодрамата „Јас, Илија Димоски – Шаторо“, имаат силен сценски живот. Дали пишувате драмски текстови имајќи ја сцената на ум, или текстот прво мора да „созрее“ на хартија?
Двата драмски текста („Трета мајка“ и „Песијазол“) се потпираат на вистинити случки од животот или случки кои важат за вистинити додека пак монодрамата „Јас, Илија Димоски Шаторо“ е инспирирана од истоимениот биографски текст кој беше мошне податлив да се трансформира во монодрама во која е претставен животниот пат и политичката кариера на првиот претседател на Собранието на Општина Прилеп во независна и самостојна Република Македонија, Илија Димоски Шаторо, со сите перипетии и турбуленции низ кои поминал во тоа бурно време. Да, текстот, односно содржината, прво треба да „созрее“, не на хартија, туку во мене, пред да се преточи во пишана форма.
Монодрамата посветена на Илија Димоски – Шаторо е силно вкоренета во прилепската реалност. Колку Ви е важна локалната историја и колективната меморија како инспирација?
Нашата локална историја и колективна меморија се неисцрпен инспиративен извор за создавање на автетична, препознатлива и оригинална книжевна вредност. Ако се навратиме на делата на пистелите кои потекнуваат од ова поднебје, ќе констатираме дека тие најчесто мотивите и приказните за своите дела ги „позајмувале“ од прилепскиот животен и културен простор. Да ги споменеме Стале Попов, Блаже Конески, Коле Чашуле, Миле Попоски, Миле Неделкоски и др. Сите тие „пијат вода“ од нашите локални кладенци. Да продолжам метафорички: иако водата нема ни боја, ни мирис ни вкус, таа, водата од нашето поднебје, сепак се разликува „по нешто“ од водата од друго поднебје и од други кладенци. Така велат сите со кои сум разговарал, а така мислам и јас!
Дел од Вашето творештво е напишано на автентичен прилепски говор. Колку дијалектот, според Вас, може да биде книжевна вредност, а не ограничување?
Употребата на локалниот дијалект не е нешто ново и непознато во книжевноста. Неговото користење на делото му дава оригиналност, патина и јазична уверливост кај локалната читачка публика, а необичност и естетска посебност кај другите читатели. Кај нас има повеќе писатели чии делови од нивното творештво се напишани на дијалект. Еден од најпознатите е поетот Ристо Ѓ. Јачев, кој има напишано песни целосно на дијалект од Егејскиот дел на Македонија. Јас не пишувам целосно на прилепски дијалект, туку се обидувам напати да направам некаков микс меѓу локалниот прилепски говор, архаизмите и современиот литературен јазик, со цел да се зачува дел од подзаборавеното локално јазично богатство, од една страна, а од друга, текстот да го направам поприемчив до читателот кому му е преку глава да чита и слуша „модерни“ јазични конструкти, кои „вријат“ од англицизми, празни фрази, зборови без значење, по многу нешта штетен новоговор, кој полека, но неповратно го разорува македонскиот јазик. Секој од нас, колку што може и колку што умее, во својот домен, треба да направи нешто во одбрана на јазикот, бидејќи тој е нападнат и однатре и однадвор.
Како поранешен директор на Градската библиотека „Борка Талески“, оставивте силен белег во нејзината програмска и издавачка дејност. Како ја гледате улогата на библиотеките денес – меѓу традицијата и дигиталното време?
Улогата на библиотеката денес, во дигиталното време, како што велите, е повеќезначна. Традиционалната претстава за библиотеката како место каде се чуваат и издаваат книги на читателите, одамна е надмината. Таа е само една од многуте функции. Библиотеката изминативе децении се трансформира во културен и информативен центар на локалната заедница, место на средби, промоции, трибини, предавања, работилници, изложби, издавање книги и списанија. Смарт телефонот не може да биде замена за библиотеката и книгата. Ако не ја допрете физички книгата, ако не ја помирисате печатарската боја, ако интелектуално не флертувате со неа, тоа е исто како да водите виртуелна љубов. Според мене, ова е преоден период кога е намален интересот за книгата. Се надевам дека ќе дојде време кога човекот ќе се презасити од сеприсутната електроника, од брзината и напливот на илјадници непотребни информации, од вештачката интелигенција и вештачкото месо што сега почнува да се произведува во некои држави, од се што е вештачко. Се надевам дека ќе дојде време, кога пак ќе читаме весници и книги, сега од чисто помодарство! Убеден сум дека дигитализацијата на книжното богатство, достапноста на делото во електронска форма, што во денешно време е неминовност и неопходност, нема да ја замени функцијата на класичната библиотека, бидејќи во многу нешта таа е незаменлива!
Коавтор сте на книгата за семејните библиотеки во Прилеп. Колку е важно да се документира и зачува ваквото „тивко“ културно наследство?
Функцијата на библиотечната дејност се состои токму и во тоа – документирање, класифицирање, зачувување, презентирање и афирмација на културното и книжевното богатство. Роднокрајното одделение и раритетната збирка во нашата библиотека се грижат за овие аспекти. Од она што го истраживме со вишиот библиотекар Магда Василеска при подготвувањето на спомнатата книга, утврдивме дека доста прилепски семејства имаат богати приватни библиотеки. Тоа богатсво ние го презентиравме во книга. Продолжувајќи и понатаму да се интересирам за оваа материја, дознав дека во одредени стари куќи во Прилеп, чии што сопственици одамна не живеат во нив и во овој град, кријат вистински книжни богатства. Задача на вредните библиотекари од нашата прилепска библиотека ќе биде да ги проверат овие сознанија и, ако се точни, да ги контактираат нивните сопственици и да се обидат да ги откупат овие книги во кои се кријат многу непознати информации и вистини, некои и за Прилеп и Прилепчани.
Еден период бевте уредник во списанието „Стремеж“. Како го оценувате значењето на книжевните списанија во развојот на македонската литература?
Книжевните списанија во минатото одиграа значајна улога во развојот на македонската литература, како и во афирмацијата на голем дел на млади и талентирани автори. Во тоа време да се објави книжевен текст во некое реномирано списание беше престиж. Влијанието на тие списанија („Разгледи“, „Современост“, „Стремеж“, „Културен живот“, подлистокот „ЛИК“ во весникот „Нова Македонија“) беше огромно и оставаше последици врз младите писателски пера. Со тек на времето и поради големите општествени и политички промени кои се случија во почетокот на деведсеттите години, како и информатичкиот бум што се случи, потоа преку интернетот и другите електронски мрежи, придонесоа значењето на овие списанија да се намали, некои дури и физички да исчезнат. Не верувам дека овие списанија ќе ја повратат својата улога и значење што го имаа пред некоја деценија во македонската книжевност. Недостасуваат финансии, идеи, маркетинг и посветеност.
Член сте на Друштвото на писателите на Македонија. Како ја гледате состојбата на современата македонска книжевна сцена денес?
За жал, ние сме мало книжевно подрачје. Има премногу писатели, а премалку читатели. Ќе ве излажам, ако ви кажам дека редовно ја следам состојбата на македонската книжевна сцена. Од она што го следам, можам да кажам дека има млади автори кои сериозно се наметнуваат со своето книжевно творештво и претставуваат респективен творечки потенцијал. Генерално земено, можеби не сум во право, но не гледам голема понуда и раздвиженост на македонската книжевна сцена. Дај боже да не сум во право.
На што работите во моментов и што можат читателите да очекуваат од Вас во блиска иднина?
Подолго време планирам да реализирам неколку, како што сега се нарекуваат, проекти: збирка песни, збирка раскази, помал роман и една комедија. Во поодмината фаза е пишувањето на расказите. Наскоро ќе почнам со работа врз песните. Ако во текот на оваа година завршам една или две книги, ќе бидам пресреќен, како да ме погодила седумка на лото додека пијам утринско кафе.


Сподели на социјалните мрежи