Од национални манифестации до локални настани, Тајфата е бенд со препознатливи вокали, врвни инструменталисти и авторска музика која плени публика од сите генерации.
Со повеќе од дваесет години активност на македонската музичка сцена, бендот Тајфата се издвојува како еден од најреномираните и најсаканите музички состави од Прилеп и Македонија. Составен од врвни професионалци – инструменталисти со академско образование, вокалисти со препознатлив печат, па дури и членови од Македонската опера и балет – Тајфата е синтеза на квалитет, енергија и посветеност.
Настапите на бендот се широк спектар: од национални фестивали и локални манифестации, до приватни прослави, секогаш со ист ентузијазам и врвен музички стандард. Авторските песни на Тајфата, со голема слушаност, ја носат нивната музика до публика од сите генерации, додека истовремено бендот дава поддршка и на локални училишта и културни настани.
Во ова интервју, Тајфата открива како се гради хемијата меѓу членовите, како се создава музиката која плени, и што значи да се биде бенд кој ги обединува македонските музички сцени.
Тајфата денес е препознаена како еден од најквалитетните прилепски и македонски бендови. Како започна вашата заедничка приказна и како се развиваше бендот низ годините?
Тајфата: Нашата заедничка приказна започна од љубовта кон музиката и желбата да создадеме нешто свое. Со иста визија пред повеќе од 20 години започна нашиот музички пат под име Амајлија бенд во чии состав беа Владимир Богески, Александар Тренчовски и Оливер Младеновски. После подолго време успешно творење и музицирање, Амајлија бенд го ребрендираме во бендот Тајфата. Составот на веќе Тајфата бенд се збогати со нашите колеги Коки Јанков, Далибор Ѓошиќ и Живко Чиртоски. Вокалистите низ годините се менуваа, но најголема трага остави добро познатиот Димитар Андоновски како и младата и перспективна пејачка Сара Сурлаџиоска која веќе 5 години активно допридонесува во музиката на Тајфата. Како новитет може да го истакнеме Горјан Стојановски, маестро по виолина кој веќе повеќе од година дена музицира во рамките на Тајфата. Развитокот на Тајфата е внимателно и студиозно творење на авторска музика, со два албуми, многу концерти, манифестации и приватни настапи. Од група пријатели со иста визија до препознатлив бренд кој настапува ширум нашата држава и надвор од неа.
Речиси и да нема значајна манифестација во државата на која не сте настапиле. Како ја доживувате таа постојана присутност на сцената и одговорноста што ја носи таа доверба од публиката?
Тајфата: Постојаната присутност на сцената ја доживуваме како голема чест, но и како голема одговорност. Сите како образовани музичари, професори и магистри по музика секогаш се трудиме да ја донесиме музиката на највисоко ниво. Со нашата константна работа низ годините сме задржале некое ниво и најголема подршка е довербата од нашата публика која секогаш максимално не поддржува и не следи, така да секогаш ќе работиме и твориме да ја оправдаме таа почит. Нивната искрена емоција и љубов што ни ја искажуваат преку музиката ни е најголемиот двигател да продолжиме да твориме, работиме и да одиме напред во музичките води.
Вашите настапи се движат од големи национални настани, преку локални манифестации, па сè до свадби и приватни прослави. Како успевате секогаш да го задржите високиот професионален стандард, без разлика на типот на настанот?
Тајфата: Без разлика на типот на настанот, нашиот пристап секогаш е ист – максимална посветеност, професионализам и почит кон публиката. Секој настап го подготвуваме внимателно со прилагоден репертоар и јасна организација, водејќи сметка за карактерот на настанот и енергијата на публиката. Нам конкретно не ни е мотив големината на сцената, туку задоволството и насмевките на лицата на слушателите.
Тајфата е бенд со извонредни инструменталисти и вокалисти, со сериозно академско музичко образование. Колку тоа формално знаење влијае врз вашиот звук и сценски настап?
Тајфата: Формалното музичко образование ни обезбедува стабилна техничка основа, сигурност во изведбата и слобода за креативна интерпретација. Знаењето стекнато низ годините на академско музичко образование е фундаментално за нашиот автентичен звук и сценски настап. Квалитетот на сцената севкупно се должи на квалитетното школување како и долгогодишното искуство во музичките води.
Публиката особено го истакнува вашиот жив настап и силната енергија на сцена. Како ја градите таа хемија меѓу членовите и што е клучно за да функционирате како компактен музички тим?
Тајфата: Хемијата меѓу нас се гради со години заедничка работа, меѓусебна почит и јасна комуникација. Секој член ја знае својата улога, но истовремено има простор да се изрази. Секојдневните седенки, долгите возења, искрената комуникација довеле до тоа да функционираме како компактен тим базиран на доверба.
Имате авторски песни кои бележат голема слушаност. Како настануваат вашите песни и што најчесто ве инспирира при нивното создавање?
Тајфата: Нашите авторски песни настануваат природно, преку заедничка креативна работа и размена на идеи меѓу членовите на бендот. Инспирацијата најчесто ја црпиме од секојдневните животни приказни, емоции и искуства блиски до публиката, но и од музичкото наследство што го носиме со себе. Се трудиме секоја песна да биде искрена и препознатлива, со звук што ја спојува традицијата со современ израз.
Женскиот вокал има силно и препознатливо место во звукот на Тајфата. Каква улога има вокалот во обликувањето на вашиот музички идентитет?
Тајфата: Тајфата е препознатлива по впечатливите членови сами по себе кои како целина оставаат силен впечаток. Женскиот вокал е еден од клучните елементи на нашиот музички идентитет и значаен дел од препознатливиот звук на Тајфата. Вокалот покрај силна емоција и автентичност допринесува и нежност преку која музиката добива посебна длабочина и карактер.
Познато е дека сте бенд кој се резервира и по една година однапред. Што мислите дека најмногу ја гради таа долгорочна доверба кај организаторите и публиката?
Тајфата: Долгорочната доверба се гради преку континуирана посветеност, сигурност и конзистентен квалитет на секој настап. Секогаш се трудиме да ги исполнуваме очекувањата на публиката, без компромис за професионализмот и музичката изведба. Довербата произлегува и од транспарентна комуникација и искрената енергија што ја носиме на сцена – а тоа е нешто што луѓето го чувствуваат и го паметат.
Покрај големите сцени, Тајфата активно дава поддршка и на основни училишта и локални манифестации. Зошто за вас е важно да бидете присутнии во овие средини?
Тајфата: За нас е важно да бидеме присутни во основни училишта и на локалните манифестации затоа што музиката е за сите и има моќ да обединува, инспирира и создава радост. Покрај големите сцени, сакаме да го споделиме нашето искуство и енергија со заедницата, да поддржиме младите таленти и да покажеме дека музиката е достапна, блиска и значајна за секого.
Како музичари со богато искуство, како ја гледате денешната македонска музичка сцена и каде се позиционира Тајфата во неа?
Тајфата: Македонската музичка сцена не е на завидно ниво, но ние секогаш се трудиме да ги гледаме позитивните страни, нашата сцена има доста таленти како млади така и постари колеги кои долго време опстојуваат на истата.Нашата цел е да создаваме искрена музика, да ја пренесуваме со страст на сцената и да останеме препознатливи и блиски до публиката, без разлика дали станува збор за долгогодишни следбеници или нови генерации слушатели.
Што за вас значи да се биде професионален музичар – дали тоа е техника, дисциплина, однос кон публиката или нешто повеќе?
Тајфата: Па во вистинска смисла на зборот професионален музичар значи многу… Тоа е начин на живот, многу макотрпна работа, дисциплина, жртва за самите себе и нашите фамилии, но најголемата подршка ја имаме баш од нив и нашата публика и им сме бескрајно благодарни затоа што се секогаш покрај нас. Професионален музичар значи многу повеќе од техника и дисциплина – тоа е и односот кон публиката, почитта кон музиката и одговорноста кон секој настап.
Како се менувала Тајфата низ годините и кои вредности останаа непроменети од самиот почеток?
Тајфата: Низ годините Тајфата се менувала во звукот, сценските проекти и репертоарот, постојано прилагодувајќи се на нови идеи и предизвици. Сепак, некои вредности останаа непроменети од самиот почеток – почитта кон музиката, искреноста во изведбата, посветеноста кон публиката и силната меѓусебна доверба меѓу членовите на бендот. Токму тие вредности се темелот на нашиот препознатлив идентитет.
Што може публиката да очекува од вас во наредниот период – нови песни, поголеми проекти или нови сценски предизвици?
Тајфата: Во наредниот период публиката може да очекува нови авторски песни и сценски проекти кои ќе го истакнат нашиот препознатлив звук. Работиме на тоа секој настап и секоја песна да носат емоција, енергија и автентичност. Се разбира дека нов албум со кој би ја дополниле нашата богата музичка приказна е најголем предизвик.
Која е пораката што сакате да ја пренесете преку вашата музика до публиката која ве следи со години, но и до новите генерации?
Тајфата: Пораката што сакаме да ја пренесеме преку нашата музика е дека музиката обединува, носи емоции и поврзува луѓе, без разлика на генерацијата. До публиката која не следи со години, сакаме да ја потврдиме нашата доследност и љубов кон музиката, а до новите генерации – да ги инспирираме да ја почувствуваат радоста, автентичноста и силата на музиката.























